Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Вработување на нови 40-тина лица, главно помошно-технички кадар во основните училишта во Куманово одобри советот на Општина Куманово на последната седница.
Гласањето се однесува на годишниот план за вработување за 2025 година, а директорите главно бараа вработувања на хигиеничари, ложачи на парни котли, хаус мајстори, ноќни чувари, благајници.
Самата согласност која ја изгласаа советниците, не мора да значи ништо.
„Ние нашата работа си ја завршивме, направен е план, прецизирани се позициите каде недостасува вработен и советниците го одобрија планот за вработување за 2025 година. Сета комплетна документација се доставува до Министерството за јавна администрација и други повисоки инстанци кои ја донесуваат конечната одлука за тоа дали предлог-планот ќе биде прифатен“, информира Александар Јовановиќ, раководител на Секторот за образование.
Дел од вработувањата кои директорите на училиштата ги побараа се со старо финасирање, односно слободните позиции се по основ на пензионирање на вработените или напуштање на работното место.
„Со години наназад се бара хигиеничар, како едно место плус, односно дополнително вработување. Имаме човек кој е на половина работно време, од здравствени причини“, појасни Драгица Спасиќ, директорка на „11 Октомври“.
Дел од општинските основни училишта имаат потреба од вработување на 16 хигиеничари, и тоа е најбројното занимање кое недостасува во училиштата.
Се побарува вработување на вкупно 7 луѓе на позициите хаус мајстор/ ложач на парни котли, сите нови вработувања. Причината е што се повеќе училишта се префрлаат на таков вид на загревање, па се неопходни оператори кои би работеле на загревање на училиштата и одржување на опремата.
Постои потреба и од 3 ноќни чувари и два хаус мајстори, но недостасуваат и административци. Така вработување на секретар на училиштето побараа директорите на „Карпош“ од Умин Дол и „Вук Караџиќ“ во Куманово. Дури седум училишта бараат вработување на благајници- „11 Октомври“, „Бајрам Шабани“, „Наим Фрашери“, „Кочо Рацин“, „Магдалена Антова“, „Битолски конгрес“ од селото Лопате и „Браќа Рибар“ во Табановце.
Наставниот кадар се вработува по различен критериум и преку Министерството за образование и наука, па затоа ниту една наставничка или професорска позиција не е вбројана во овие Предлог- годишни планови за кои се изјаснуваа советниците на последната седница.