Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Голем дефект на водоводната мрежа денеска околу пладне го прекина водоснабдувањето на домаќинствата и деловните објекти на дел од булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово.
Екипи на ЈП „Водовод“ се на терен и работат на отстранување на дефектот, но прогнозите се дека дотурот на вода ќе се нормализира дури во текот на утрешниот ден.
Според директорот Оливер Стојмановски, се работи за голем дефект, пукната цевка со пречник од Ф/300, на самата раскрсница под еден од семафорите на булеварот „Октомвриска револуција“ и „Пионерска“, која најверојатно е предизикан од ниските температури.
„Околу 11 часот бевме известени дека е пукната цевката и кога излеговме на терен имаше гејзер од вода. Веднаш беше затворена водата и ги презедовме сите активности, што се однесуваа до нас за да ја испуштиме водата и да создадеме услови за работа, но моравме да чекаме да дојде екипа од Скопје да го отстрани семафорот. Тие пристигнаа околу 16 часот и тогаш нашите екипи започнаа со интервенција. Сите наши расположиви капацитети се на терен, ќе се работи во втора смена, а имаме екипа и за ноќна работа, и верувам дека до утре сабајле ќе се отстрани дефектот и во текот на денот ќе се нормализира водоснабдувањето“, вели Стојмановски, кој додава дека улиците каде што е разлеана водата ќе ги посипат со сол и со песок за да не замрзнат и да не се загрози безбедноста во сообраќајот.
Прекина на водоснабдувањето има од улицата „Доне Божинов“ до зградите кај т.н. „Мај маркет“.