×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • „Порака наша“ го одбележа Меѓународниот ден на лица со попреченост

    03.12.2020 14:24 | KumanovoNews

    Виртуелни пораки за поддршка, честитки преку социјалните мрежи , но и подароци пристигнаа денеска до корисниците во Дневниот центар „Порака наша“ во Куманово, по повод 3 декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост.

    „Порака наша“ го одбележа Меѓународниот ден на лица со попреченост

    Фросина Симоновска, дефектологот во социјалната сервисна служба, вели дека иако оваа година е многу поразлична и невообичаена од другите, сепак се обиделе да им го разубават денот на корисниците и да ја продолжат традицијата, а притоа да не им го загрозат здравјето.

    „ Ова е нов момент за нас и за нашите корисници, се обидуваме да го одбележиме виртуелно. Сите пораки за поддршка коишто нашите сограѓани сакаат да ги упатат, можат тоа да го сторат преку нашата активна фејсбук страица, при што тие честитки ќе бидат јавно објавени и споделени со корисниците“, додава Симоновска.

     Дневниот центар „Порака наша“ во Куманово, поради коронавирусот оваа година не работеше седум месеци, поради што кај дел од корисниците дошло до регресија за стекнатите навики. Иако вработените биле во постојана комуникација со нив, сепак кај некои од нив ќе треба да се работи од почеток.

    „Почнавме со работата откако Комисијата за заразни болести даде зелено светло дека центрите можат да се оттворат, но  со строго почитување на протоколите на заштита. Морам да признам дека корисниците коишто моментално го посетуваат дневниот центар и не се во голем број, поради изразен страв кај родителите. Инаку, сите носат маски, имаме заштитни средства, средства за дезинфекција, континуирано миење на раце, одржување на физичка дистанца. Ние во изминатите седум месеци бевме во контакт со нашите корисници и не им беше јасно како е можно после дванаесет години, дневен центар којшто постојано е отворен да престане да работи. Не им беше јасно, каков вирус е тоа и на кој начин се манифестира. Кај некои од нив се забележува и регресија на стекнатите навики, не сакале да излегуваат од домовите, а кај некои, за жал, можеби ќе треба да се работи и како да се на почеток“, објаснува Симоновска.

    Дневниот центар за лица со интелетуална попреченост над 18 години во моментот го финансира Општина Куманово, бизнис секторот и граѓаните коишто ги помагаат, меѓутоа Симоновска нагласува дека им е потребна и системска поддршка од Министерството за труд и социјална политика.

    „Ни треба помош и поддршка, затоа што навистина треба уште многу да работиме. Она за што „Порака наша“ се залага сите овие години е да обезбедеи финансиска сигурност за корисниците на дневниот центар, затоа што кај нас се сместени возрасни корисници на коишто и родителите им се во 60-тите години. Освен Дневниот центар, потребни се мали групни домови за нашите корисници, бидејќи ќе дојде момент кога ќе треба да живеат самостојно во станбени единици и такво нешто е всушност исчекор, меѓутоа ни треба помош и поддршка, како од локалната самоуправа, така и од Министерството за труд и социјална политика“, додава таа.

    Во моментот во „Порака наша“ има 21 корисник. Највозрасната корисничка има 53 години, а најмладиот е 30 годишник. За нив, откако ќе им починат родителите, за да не бидат сместени во институција, грижата најчесто ја преземаат нивните роднини.

    (Ф.Марковска)