Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Планираме Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје да стане регионален центар за лекување на пациенти од Скопје, Куманово и Велес, најави директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски.
„Дел од капацитетите не се искористени како што треба. Од сите постоечки капацитети во Македонија, најблиску до стандарди за нешто повеќе, вклучувајќи и за универзитетска клиника, има ‘8 Септември’. Има 150 квадратни метри болнички кревети наспроти Стара Градска каде што се 30 и нешто квадрати. Поради тој капацитет и инфраструктурата околу Болницата, очекувано е дека таму ќе се инвестира за да се види колку може да се растовари Клиничкиот центар во однос на секундарно здравство. Морам да кажам дека во ‘8 Септември’ се изведуваат методи кои не се изведуваат на Клиника. Тука гледаме најмногу потенцијал, со најмало вложување да добиеме најдобар одговор. Освен Онкологијата, мислам дека ќе бидат најавени нови проекти, како на пример Нефрологија“, рече Клековски.
Од Светската здравствена организација (СЗО) велат дека е потребна реорганизација на болничкото лекување. Во земјава има околу 70 болници на 1,8 милиони жители. Голем дел од нив се недоволно искористени, кај голем дел се преклопуваат здравствените услуги нерационално.
Меѓу наодите се: хроничен недостаток на здравствени работници, особено во специјализираните области, многу болници во државава немаат потребна инфраструктура за да обезбедат модерни здравствени услуги, застарена опрема, а некаде каде што има опрема, нема персонал кој би ја употребувал.
За управувањето на болниците констатирано било дека е често под политичко влијание. Тие политички назначувања на директори многу често биле проследени со недостаток на јасно дефинирана рамка на одговорност.
(фото.сдк.мк)