Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По 6-годишна пауза, од 18 септември започна со работа Кабинетот за дојка на Рентгенолошкото одделение во Општа Болница Куманово, со што пациентите од градот добија можност за скрининг прегледи и навремено дијагностицирање на малигнитетни промени на дојките. Прегледите се вршат 3 пати неделно, со претходно закажување на „Мој термин“.
„Упат за преглед се добива преку матичните лекари, а по ехо-прегледот радиолог утврдува дали има потребата од мамографија. За скринингот има голема заинтересираност меѓу пациентите, но мора да имаат и малку трпение додека да се консолидира работата по неколкугодишниот застој“, вели директорката Билјана Ивановска.
Кумановската болница повеќе од шест години немаше мамограф, откако стариот се расипа во октомври 2017 година. Новиот беше донесен напролет, но помина без промоција од надлежните. Во меѓувреме, оние кои имаа потреба од мамографски прегледи ги вршеа во здравствените установи во Кратово, Свети Николе и Скопје, каде можеа да добијат термин, или плаќаа прегледи во приватните амбулантите во градот.
Според статистката, бројот на новозаболени од рак на дојка се зголемува од година в година, а старосната граница на новооткриени случаи постојано се намалува. Причина е што пациентите доцна се јавуваат на преглед поради проблемот со дијагностиката и немањето на мамографи во јавното здравство.
Податоците покажуваат дека карциномот на дојка е најчест и се јавува кај секоја осма жена. На секои сто жени има два случаи на пациенти на мажи со рак на дојка. За навремено да се откријат промените на дојките се препорачува секоја жена редовно да врши самопреглед, да прави ехо, мамограф и гинеколошки прегледи.
Лани во Македонија починале 356 жени од рак на дојка, што е највисока бројка од 2010 до денес, покажува извештајот на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Месец октомври во светски рамки е прогласен за месец на борба против карциномот на дојка. Симболично се одбележува со носење на розеви панделки за подигнување на јавната свест за важноста од навремено реагирање при било какви промени на дојките.