Законска е постапката за задолжување, наодите на Инспекторот се резултат на погрешно толкување на правото, вели Димитриевски
Во целост ги отфрлам како злонамерни, неточни и манипулативни тврдењата изнесени на прес-конференцијата на Општинската организација на СДСМ Куманово, во врска со постапката за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово, одговори на обвинувањата на СДСМ, градоначалникот Максим Димитриевски.
„Очигледно е дека, во недостаток на сопствени идеи и проекти за доброто на граѓаните, локалниот огранок на СДСМ се сведува на дневно-политикантство и свесно ширење на дезинформации, обидувајќи се да го блокира развојот на Куманово и да ги саботира клучните проекти за подобар живот на сите нас. Нивниот триумфализам, заснован на еден прелиминарен и правно неиздржан записник од инспекциски надзор, е само уште еден доказ за нивната очајна потреба да создадат лажна слика за наводна „незаконитост“, таму каде што постои само транспарентно и домаќинско работење во интерес на граѓаните“, стои во писмената реакција на Димитриевски.
Тој вели дека постапката за задолжување е целосно законска, а наодите на Инспекторот се резултат на погрешно толкување на правото.
„Констатациите на Државниот инспектор за локална самоуправа, содржани во Записникот ИП1 број 21-702 од 04.08.2026 година, се целосно неосновани и произлегуваат од еднострано и буквално толкување на законот, кое е во директна спротивност со други важечки законски прописи и со самата логика на постапката. Поради тоа, Општина Куманово, во законски предвидениот рок, ќе поднесе детален и аргументиран приговор против наведениот записник, согласно член 22 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа. Убедени сме во исправноста на нашата постапка и подготвени сме истата да ја докажеме пред сите надлежни институции, вклучително и пред Уставниот суд, доколку Инспекторатот, воден од политички мотиви, истрае во својата намера“, стои во реакцијата.
Понатаму се наведува дека постапката за долгорочно задолжување е сложен, повеќефазен процес, а одлуката на Советот е почетен чекор, кој ќе продолжи со согласност од Министерството за финансии и понуди од комерцијалните банки, по што ќе следува јавната расправа.
„Да се одржи јавна расправа пред тоа би било чист формализам и изигрување на законот и волјата на граѓаните – нешто што е својствено за СДСМ, но не и за нас. Нашата намера е јавната расправа да биде суштинска, транспарентна и одржана пред конечното одобрување на конкретниот договор за заем, кога граѓаните ќе можат да одлучуваат врз основа на конкретни и реални податоци“, вели Димитриевски.
Обвинувањата од опозицијата за него се координирана хајка на СДСМ и ним блиските структури во државните институции за да се спречи реализацијата на проектот „Еко ефикасни јавни претпријатија“ и развојот на Куманово.
„Наместо да се борат за почист град и поевтина вода, советниците на СДСМ и нивната централа се борат против тоа. Наместо да го поздрават домаќинското работење, тие поднесуваат претставки и слават прелиминарни записници, надевајќи се дека ќе го запрат развојот на Куманово. Ова е врв на политичкото лицемерие и доказ дека за нив партиските интереси секогаш се над интересите на граѓаните“, стои во реакцијата.