20. 02. 2020 10:31

Постигнавме најдобри резултати, а добивме најслаба поддршка, се жалат од ЖРК на распределбата на ваучерите

Постигнавме најдобри резултати, а добивме најслаба поддршка, се жалат од ЖРК на распределбата на ваучерите

Раководството на Женскиот ракометен клуб Куманово не е задоволно од распределбата на средствата со т.н. ваучери кои ги одредува Агенцијата за млади и спорт.

ЖРК за 2020 година доби ваучер во висина од 2,5 милиони денари, средства коишто треба да ги обезбеди од приватните фирми, кои што ќе бидат ослободени од данок на добивка доколку вложуваат во развојот на спортот.

Претседателот на клубот Бобан Пеовски, вели дека се изнадени од износот којшто и е одреден и не им е јасно по кои критериуми им е одредена неколкукратно помала сума од другите клубови, ако се знае дека минатата сезона постигнале извонредни резултати, наспроти оние кои имаат далеку послаби резултати од нив.

-  Значи, ние во таа сезона имаме освоено КУП на Македонија, вицепрваци сме на Македонија, имаме постигнато многу подобар резултат од претходната година, а  доделени ни се помалку средства. Единствено на нас ни се намалени средствата, а уште повеќе не ни е јасно како дојде до фантастично покачување на ваучерите на екипите ЖРК Пелистер и екипата на ЖРК Стружанка, каде Пелистер доби 80 отсто поголем ваучер од мината година, а екипата на Стужанка за 70 отсто поголем буџет од претходната година. Сакам да напоменам дека ние Куманово, заедно со екипата на Металург и Вардар сме единствени екипи во женската лига каде учествуваме во сите категории на натпревари, - изјави Пеовски.

Своето незадоволство го изразиле во Ракометната федерација на Македонија, но од таму ги упатиле во Агенцијата за млади и спорт, каде не сакале да им кажат кој одлучува за висината на ваучерите и дали имаат право на жалба.

- Претходната година буџетот ни беше скоро 2,6 милиони денари, оваа година ни е намален. Ова се навистина минимални средства со кои нема шанси да се планира некој развој, ние со овие средства оваа година од есенскиот дел не можеме да играме ниту Европски купови ниту Регионална лига, - додава Пеовски.

Тој вели дека особено му смета фаворизирањето на машкиот наспроти женскиот ракомет, во услови кога обврските за сите клубови се исти.

- Целата работа е што трошоците се исти, ако играте Европски куп дали сте машка екипа или женска таксите се исти. Таксите се исти и за странски играчи, дали е маж или жена исто се плаќа на Ракометната федерација. Таксите за сертификат се 2700 евра по играч за машки и за женски екипи, така што не ни е јасно како доаѓа до оваа разлика. На пример оваа година споениот Еурофарм и Пелистер да земат скоро 24 милиони денари, а ние да земеме 10 пати помала сума. Минатата година Еурофарм нема играно Лига на шампиони, од каде би требало да се црпат бодовите. Живееме во свет во кој по секоја цена сакаме да изедначиме женски и машки права, трошоци ни се исти, а добиваме неверојатен дисбаланс на поделени ваучери. Од друга страна се бројат и бројот на репрезентативци, ние сме тука водечки, со Металург и Вардар заедно имаме најголем број на репрезентативци, попусто пополнуваме формулари кога навистина не ми е јасно која е идејата, - завршува разочарано Пеовски.

Најмногу средства во Куманово му се доделени на Кошаркарскиот клуб Куманово  11,9 милиони денари плус на КК Куманово млада екипа 1,4 милиони денари и  ЖРК Куманово со 2,5 милиони денари.

Додека пак од А група олимписки спортови од Куманово добија ваучери: фудбалскиот клуб Биџо Куманово 200,000 денари, Куманово Еуроспорт 200,000 денари, а РК Куманово 750,000 денари, ФК Речица 150.000 денари и ЖФК Речица 500.000 денари, ФК Куманово 200.000 денари итн.

2008 - 2019 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk