Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Наскоро ќе започне реконструкцијата на кровот на основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“ во Куманово, откако е избрана фирма која ќе го реализира проектот. Градежните работи треба да завршат за 10 месеци, но се очекува дека тоа ќе се случи и побрзо.
Во просториите на училиштата се одржал состанок на директорите со претставници од избраната фирма - изведувач која треба да работи на кровната конструкција на зградата.
„Не се работи само за кровната конструкција, последниот спрат е страшно руиниран, има влага и мувла, се чувствува и мирис, а постои и опасност од пожар поради оштетената електрична инсталација. Чекајќи да се санира кровот влагата стигна и до средниот кат, така да треба многу работа и пари да се доведат просториите целосно во ред. Не знам што се е влезено како неопходно и итно во проектот, но ако се направи само кровот повторно нема да можеме да го користиме целиот спрат. Единствено ќе се заштити од понатамошни оштетувања“, објаснува Гордана Грговска, в.д. директор на ОУ „Крсте Мисирков“.
Проектот е на Министерството за образование и наука предвидува замена на стариот и дотраен кровен покривач со енергетски ефикасен покрив. Предвидена е и внатрешна замена на стари и дотраени материјали. Тендерот го доби фирмата „Ибро комерц“ од Липково, а Владата за таа намена обезбеди 14.906.070,93 денари со вклучен данок на додадена вредност.
Проблемот со протекување на кровот се провлекува со години, но ескалираше на почетокот на оваа учебна година, поради што одделенијата што следат настава на најгорниот кат на зградата мораа да се преместат во Гимназијата „Гоце Делчев“, заради непречено одвивање на воспитно-образовниот процес.
Во двете училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“ запишани се над 2.500 ученици и тоа се најголемите основни училишта во градот.
2008 - 2023 Kumanovonews.mk • Сите права се задржани. Текстовите не смеат да се печатат или емитуваат, во целина или во делови, без договор со Kumanovonews.mk