Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Потпишан е договор за изградба на атмосферската канализација на улицата „Бајрам Шабани“ во Куманово.
Тендерот го доби фирмата „Коп инженеринг“ од Скопје, а средствата во висина од 21.424 милиони денари или 350.000 евра се обезбедени од унгарскиот кредит.
Договорот е потпишан на 6 јануари, со времетраење од година дена. Изведувачот има рок од 60 работни дена да ги заврши градежните активности, сметајќи од денот кога ќе биде известен за тоа.
„Ќе се работи на должина од 886 метри, од булеварот “Трета МУБ“ до „Пчински пат“, а целокупната должина на ул. „Бајрам Шабани“ е 1,4 километри. На предвидената траса ќе се постават полиетиленски цевки во три величини, Ф/800, Ф/630 и Ф/500 милиметри, ревизиони шахти, метална сливна решетка долга 5 метри. По поставување на цевките и затрупување на ровот со песок и чакал, нивно набивање и израмнување, изведувачот е должен да го врати коловозот во првобитната состојба со бетонирање во слој од 10 сантиметри на површина од 1,093 м2. Предвиден е и буџет од 1,6 милиони денари за накнадни и непредвидени работи кои би можеле да искрснат во текот на работата“, стои во договорот.
Според постигнатиот договор фирмата „Коп инженеринг“ е должна да ја обележи трасата на која ќе се работи и да обезбеди сообраќајно решение за изменет режим на движење на возилата, како и безбедно преминување преку ров за автомобилите или евентуалните пешаци.
Фирмата „Коп инженеринг“ Скопје работеше на реконструкција на водоводната мрежа на улицата „Никола Тесла“.