Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Повеќе од 2,5 години се работи на реконструкција и внатрешно уредување на спортска сала Куманово, а неизвесно е кога ќе биде целосно завршена и ставена во функција на спортот.
Досега се потршени околу 1 милион евра државни и општински пари, а потребни се уште околу 1,6 милиони евра за да таа биде целосно завршена.
Во буџетот на Општина Куманово за 2024 година се предвидени 175.554 милиони денари за 14 проекти кои ќе се реализираат во зависност од прибраните средства во општинската каса. Меѓу нив е и внатрешното уредување на спортската сала, со браварија, надворешни скали, осветлување, партерно уредување, како и набавка на висечки, четворостран, мултифункционален семафор.
Советникот Благојче Јаќимовиќ од НСДП вели дека за довршувањето на спортската сала се планирани 100 милиони денари или 1,6 милиони евра, од кои 70 милиони денари за внатрешно уредување и семфор.
„Јас и на самата седница кога се носеше развојната програма и буџетот за 2024 година прашав дали ќе бидат потрошени 1,1 милиони евра само за семафор кој треба да се наоѓа во централниот дел на салата и за внатрешно уредување. Тие ме убедуваа дека тоа се однесува за целосната внатрешна реконструкција, но во развојната програма пишува дека се предвидени само за набавка на семафор. Во таа спортска сала ќе играат две екипи кои играат во Втора лига, а ќе набавуваме семафор како на НБА лигата. Тоа е непотребно фрлање на пари“, вели советникот Јаќимовиќ.
Реконструкцијата на спортската сала започна во јули 2021 година, со замена на кровната конструкција. Тогаш беа издвоени 310 илјади евра преку проект од програмата за регионален развој на Министерството за локална самоуправа и Бирото за рамномерен регионален развој од 2020 година, а Општината учествуваше со 10 илјади евра. Работите на покривната конструкција завршија кон крајот на годината, а само 4 месеци подоцна, во април 2022 година, по првите поројни дождови протече кровот.
Во меѓувреме биле одобрени дополнителни средства од општинскиот буџет, па е поставена е изолација и столчиња, а останува да се смени паркетот, системот за ладење и греење, соблекувалните и да се постави нов семафор.
Јаќимовиќ смета дека со ове пари ќе се изградела нова спортска сала, по примерот во скопската населба Аеродром, која чинела 4 милиони евра и може да прими 5.000 гледачи.
Засега не е познато кога ќе бидат завршени сите градежни активности, но одредени неофицијални информации велат дека локалната самоуправа се надева кон средината на пролетта спортистите повторно да влезат во неа.
Во меѓувреме тимовите и спортистите поединци закупуваат термини во спортските сали во училиштата во Куманово, но условите за тренирање и одржување на натпревари не се секогаш соодветни за одредени спортови.
И спортските натпревари од повисок ранг се играат во училишните сали.
Владата во 2020 година ја врати спортската сала на Општина Куманово, откако со неа стопанисуваше приватен субјект.
Спортската сала во Куманово е изградена 1980 година и има капацитет од 4.150 седишта. Проектирана е од архитектите Трајко Димитров и Живко Гелевски во 1979 година, а ја добила големата награда на Биеналето на Македонската архитектура (БИМАС) во 1981 година.
Таа е најголемиот затворен спортски објект во Куманово, каде се одржуваат кошаркарски, ракометни, футсал, одбојкарски и боксерски натпревари. За салате се врзуваат најголемите спортски достигнувања на кумановските клубови.