Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Граѓаните на социјалните мрежи се организираат во петок, на 31 јануари, да ги бојкотираат маркетите во земјата по примерот во Хрватска и во регионот.
„Стоп за високите цени на храната по маркетите, стоп за огромниот профит на поединци врз грбот на народот. Да се здружиме сите заедно бидејќи нема кој да не заштити“, стои во повикот на неформалната фејсбук група „Бојкот - Стоп за вискоите цени на храната!“.
Тие ги повикуваат граѓаните да се воздржат од купување во маркетите и излегување во угостителски објекти. Настанот е под мотото „Попусто попусти кога цените се исти“, но нема потпис која организација, здружение или група стои зад овој повик.
Поканата се шири и на останатите социјални мрежи и медиуми.
Во петок, 24 јануари таков бојкот беше организиран во Хрватска, а наиде на голем одѕив кај купувачите. Се однесуваше на сите маркети и малопродажни објекти- бензиски станици и угостителски објекти.
Во Хрватска организатор беше Независната платформа на потрошувачи „Хало, инспекторе“, поддржана од други здруженија за заштита на потрошувачи, синдикатите, политички партии, па и самиот министер за економија во хрватската влада. Пораката беше да се снабдат потрошувачите порано со сите неопходни производи за да се покаже во петок како би изгледала работата на услужните дејности и трговијата без купувачи. Според бројот на издадени сметки тој ден бил помал за 44 проценти, додека вредноста на потрошени средства била помала за дури 53 посто. И покрај очекувањата бојкотот немаше „јо-јо ефект“, поголемо трошење во деновите пред и по бојкотот кои би ги анулирале загубите- за неколку дена прометот е намален за неверојатни 44,183 милиони евра. Наредните седум дена цел се три трговски ланци во Хрватска и три производи, за кои советот е да не се посетуваат односно купуваат до понеделник. Се повикува на повторување на акцијата во петок, 31 јануари.
Ваков повик за бојкот на продавниците, бензиските пумпи, кафулињата и рестораните се шири и во Босна и Херцеговина и Црна Гора.