Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Куќи, викендички, плевни, амбари, помошни простории, овоштарници, лозја, жита и други насади, како и неколку илјади хектари пасишта и сува трева гореа вчера во кумановско.
Единаесет големи пожари беснеаа во исто време во селата Романовце, Бељаковце, Ругинце, Сув Ора, Цвиланце, Бајловце, Жегљане и многу други.
Како што информира полицијата во селото Романовце на винарска визба „Кокино“ изгореле над 7 хектари овоштарник со праски, вишни и багреми. Во селото Цвиланце изгореле 2-3 плевни, по што пожарот се проширил во правец на с.Бајловце каде изгорела уште една плевна со слама. Од пожарот е зафатена површина од околу 200 хектари сува трева и нискостеблести растенија.
Во селото Бељаковце, пожарот се појавил околу 13 часот во м.в. „Орљак„, а се проширил кон селските куќи. При тоа изгорела една куќа и викендичка, амбар и повеќе помошни простории, десетини кубика дева за ограев, повеќе насади со лозја, ниви со пченка.
Жителите на Бељаковце се жалат дека противпожарните екипи интервенирале доцна поради што огнената стихија се проширила и зафатила голема површина. Од пожарна кажуваат дека поради големиот број на пожари, физички не можеле да постигнат и истовремено да ги покријат сите места. Како причина за пожарот се наведуваат спојот на каблите поради јакиот ветар, но и несовесните граѓани кои палат стрништа на високи темперетури.