Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Утре, во утринските часови на мегалитската опсерваторија Кокино ќе се одржи манифестацијата „Бдеење на кокински мугри„.
При тоа ќе се изврши реконструкција на праисториски обред кој симболизира славење на светото спојување на небото и земјата. Праисториските жители на Кокино го практикувале овој обред за циклично обновување на природата. Тие се поклонувале на небеското божество Сонцето и големата божица Мајка.
Во населено место Кокино било светилиште или света планина. Врвот на ридот го персонифицирале жителите со телото на големата божица Мајка. Во процепите на карпите оставале дарови и ги затрупувале со земја. Овие процепи ги доживувале како утроба на големата Мајка, и ако некој сакал да му вирее стадото оставал фигура на овца. Кокино е големо бидејќи приказната за Кокино е голема - вели Јовица Станковски, директор на Национална установа Музеј Куманово.
Манифестацијата ја организира Општината, Музејот, Фондацијата за култура и спорт и Друштвото на писатели, а веќе 10 години се одржува на последниот ден од јули на Кокино. Годинава програмата ќе биде побогата и ќе трае од 6 до 7 часот. Планирано е актерот Тихомир Стојановски пред изгрејсонце да изрецитира молитва за благодарност како што во древни времиња правеле жителите за да се заблагодарат за богатите жетви. За посетителите локалната самоуправа организира превоз во 4.45 часот, пред хотелот Кристал.