Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Правилата на игра не се менуваат на среде натпревар и одлуката на Советот да формира пакет линии додека трае постапката за избор на нови автопревозници е спротивна на законот, и таа ќе предизвика правни последици по оние што ја гласале, вели адвокатот Виктор Божиновски, правен застапник на дел од автопревозниците, откако таа одлука беше донесена на последната седница
Според Божиновски со одлуката незаконски се опфатени линиите 3, 4, 5, и 8, за кои се води жалбена постапка, додека за останатите линии таа не е спорна.
„Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за уредување на општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово е апсолутно незаконска. Народски кажано не можете да менувате правила на игра во сред утакмица. Она што се случува сега, се донесува нова одлука со која се заменува одлуката од декември, иако постапката од таа одлука по која е распишан јавен оглас се уште трае. За линиите кои што не се профитабилни и за кои никој не се јавил, градоначалникот можел да донесе одлука и да ги групира во една или две, или веќе како им одговара географски. Но, не може тоа да го прави за оние коишто се предмет во постапката. Јас можам да се согласам дека не секој советник е правник и не сите ги познаваат прописите, меѓутоа тоа не ги ослободува од одговорност советниците да побараат мислење, во општината има правници коишто ги знаат законските прописи и процедурата“, вели Божиновски.
Тој го повика градоначалникот да ги прифати препораките на Второстепената комисија на Министертството за транспорт и врски, и да донесе решение со кое ќе ги додели линиите на претпријатијата кои ги исполнуваат условите на распишаниот оглас и со тоа ќе го одблокира функционирањето на јавниот превоз на најголемите линии во градот. Во спротивно, целата одговорност за немањето превоз паѓа врз грбот на градоначалникот и општинската администрација, бидејќи повторувањето на огласот ќе одземе многу време и ќе ја продолжи голготата на граѓаните.
Доколку не добијат позитивен исход, автопревозниците ќе поднесат тужба до Општината за надомест штета за невршење на својата дејност во овој период, пријава до Државниот управен инспекторат поради незаконската одлука на Советот, а најавија и протест пред општината.
Божиновски тврди, дека и покрај тоа што Максим Димитриевски сака како единствени виновници за хаосот во градскиот превоз да ги прикаже неговите клиенти, виновен е единствено тој, прво што ја задоцнил постапката, а потоа незаконски ја водел. Тој додава дека автопревозниците си ги штитат своите интереси и поднеле жалби на решението на првостепената општинската комисија, бидејќи една компанија- автопревозник била фаворизирана и покрај тоа што не ги исполнила условите кои биле пропишани во јавниот повик. Таа не доставила документ од Централниот регистар, немала возен ред, а наместо паркинг простор доставила договор за закуп на нива, што било причина тие да се жалат.
Мнозинството во Советот на Општина Куманово на последната седница донесе Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за уредување на општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, која во пракса значи формирање на пакет линии во јавниот превоз, со која автопревозниците кои ќе ги добијат атрактивните градски линии 3,4,5 и 8, ќе мора да возат и на линиите во непрофитабилните селски средини. Одлуката им за цел да го реши хаосот во градскиот превоз, кој настана од почетокот на годината поради задоцнетото распишување на јавниот повик.
Во Општина Куманово има вкупно 26 линии на јавен превоз и за 15 од нив е потпишан договор со превозниците. Девет линии не функционираат, а меѓу нив и најоптоварените каде што има најголем број на патници; Зелен рид – Железничка станица, Доброшане – Бедиње, Карпош – Железничка Станица и Тромеѓа – Бедиње.