Предавање за проекти за промоција на хумани вредности
Триесетина основци и средношколци денеска во просториите на Црвен Крст Куманово, присуствуваа на предавање за подготовка на проекти за промоција на хумани вредности.

По завршување на предавањата, учениците ќе треба да предложат идеи и да реализираат проекти за добробит на заедницата. Проектите можат да бидат насочени за помош на загрозени и сиромашни граѓани, уредување на некој парк, донирање и слично.
„Во месец јануари и февруари се реализираат обуките, а од месец март почнуваат проектите. Сето тоа е нивна идеја, што сакаат да работат, на кого сакаат да помогнат за доброто на граѓаните. Повикани се минимум 30 ученици. Бројката варира и сите што сакаат да дојдат се добредојдени. Задоволни сме од интересот, младите сакаат да помогнат, сакаат да учествуваат, хумани се“- вели Сања Росевска, дисеминатор.
Секоја година се спроведуваат минимум три проекти за промоција на хумани вредности во Куманово. Ова е традиционална активност на Црвениот Крст и се одржува во сите градови низ државата.
“Доста се добри овие проекти. Ќе им помогнеме на сиромашните, загрозени луѓе за малку да ги видиме насмеани нивните лица“- рече Сара Милковска, ученичка во „Кочо Рацин“.
Секоја година се бираат и најдобрите проекти за промоција на хумани вредности и за најкреативните ученици следува учество на семинар во земјава.