Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Советникот од партијата ГРОМ Зоран Петрушевски, денеска обвини дека предлогот - одлуката на Општина Куманово за задолжување е донесена без јавна расправа и доколку советниците од мнозинството ја донесат ќе падне на суд.
Тој кажа дека одлуката за долгорочно домашно задолжување на Општина Куманово се врши врз основа на член 20 од Закон за финасирање на единици на локална самоуправа и врз основа на член 68 од Статут на Општина Куманово.
„Во тој член 20 се вели дека Општината може да се задолжува долгорочно за капитални инвестиции, но тука е клучниот дел став 2 од овој закон, кој што вели дека Советот на Општината го одобрува задолжување по предходно оддржана јавна расправа во Општината. На јавната расправа се опишува проектот и се објаснуваат услови за негово финасирање. Расправата треба да ја организира Советот на предлог на градоначалникот, што значи дека јавна расправа мора да има, не дали некој сака или не, туку затоа што е по закон. Не сум правник, но вие што и да направите, мислам на мнозинството, и да изгласате, сметам дека многу лесно оваа одлука ќе се прогласи за неважечка пред судските инстанци“, рече Петрушевски.
Тој смета дека за задолжување на Општината треба да се прашаат граѓаните и стручната јавност, па да се одредат нивните приоритетите. Според него јавните претријатија треба сами да си обезбедат основни средства за работа бидејќи наплаќаат за услугите на граѓаните, а не да чекаат да им купи Општината.
Градоначалникот Максим Димитриевски реплицираше дека Општина Куманово е транспарентна општина, и дека се организирани форуми на заедниците и анкети на граѓаните кои се правеле еднаш годишно, каде што биле утврдени приоритетите на граѓаните и јавните претпријатија, но Петрушевски му возврати дека тоа не е формата којашто ја бара законот.