×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Премиера на претставата „12 Гневни“ во Центарот на култура во Куманово

    27.04.2022 15:53 | Сузана Николиќ

    На сцената на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, утревечер во 20 часот премиерно ќе биде одиграна претставата „12 Гневни“, по текст на Реџиналд Роуз, во режија на Ирена Стеријовска, а во изведба на актерска екипа на Театар Куманово.  

    Премиера на претставата „12 Гневни“ во Центарот на култура во Куманово

     „12 гневни” е приказна за дванаесетмина поротници кои по завршувањето на еден судски процес треба да донесат одлука за евентуалната вина или невиност на едно младо момче од малцинска етничка група, за убиство од прв степен. Покрај ретроспективното раскажување на случајот со убиството преку повикување на фактите искажани во судницата, оваа приказна се занимава со односот на поединецот кон системот, со индивидуалното поимање на правдата, но и ги акцентира предрасудите како една од најголемите опасности што ѝ се закануваат на идејата за праведно општество. 

    „Претставата го истражува поединечниот однос на секој од поротниците кон личната одговорност за воспоставување на фер систем, посочувајќи ја апатијата на граѓаните како најголемата закана за негово компромитирање. Така, дејството недвосмислено нѐ води кон заклучок дека највлијателниот фактор за праведно општество е ангажираниот и буден граѓанин. Во време кога светот сведочи за експанзија на радикално поларизирани идеологии и пораст на ксенофобија до степен на нехуманост, овој текст, иако напишан пред повеќе од 60 години, денес е актуелен повеќе од кога било. Неговата актуелност и визионерство може да се најде и во реконтекстуализирањето на она што значи да се биде херој. Имено, во поголемиот дел од историјата херојството било поврзувано со големи подвизи на извесен воен фронт или некаков друг физички ангажман кој се сметал за заштитнички кон заедницата. Но, она што оваа приказна го навестува е денешното модерно време во кое херојството на обичниот човек е да верува во правда и еднаквост и да биде подготвен да инвестира во тие идеали во секојдневниот живот“, изјави режисерката Ирена Стеријовска.

    Во претставата играат: Александра Пешевска, Мирослав Петковиќ, Дубравка Киселички, Владо Дојчиноски, Антонио Димитриевски, Нина Максимова, Марко Трајковиќ, Сања Русеска, Александра Михајловска, Жарко Јовановиќ, Давид Илиќ, Чедомир Митевски.

    Сценографијата е на Стефан Спировски, а костимографијата е на Ана Каркулеска.

    Првата реприза е во петок, а ова е прва премиера на Театар Куманово во новата сезона за 2022 година.