Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Премиерата на претставата „Калигула“, во режија на Ѓорѓи Ризески ќе се одржи вечерва во 20 часот во Центарот за култура во Куманово.
Претставата е работена е според делото на Албер Ками, во драматургија на Сашо Костовски.
„Претставата носи свеж и алтернативен пристап кон ликот на прочуениот римски император и неговото контроверзно владеење. Би сакал сите да дојдат и да ја погледнат „Калигула“, претстава која дефинитивно ги поместува границите на квалитетот во театарот. Тргнувајќи дека е направена со безрезервна желба и амбиција да се создаде овој проект, што е вистински начин да се создаде едно уметничко дело. Со сите работи кои се случуваат во светот и нашата држава, уште на првата проба сфативме дека ова е вистинско време за неа, и не е случајно што сега се случува“, кажа режисерот Ризески.
Претставата се одвива на голема сцена со ограничен број гледачи – по 50 посетители на секоја изведба, што овозможува поголема интеракција и емотивна поврзаност со публиката. Сценскиот израз вклучува танц, пеење, рецитирање и иновативни визуелни решенија, со што сите учесници веруваат дека „Калигула“ долго ќе се игра и многу, многу пати ќе се репризира.
Калигула го игра Марко Трајковиќ, кој вели дека оваа претстава била негова животна желба за која чезнеел повеќе од 5 години. Во неа се вклучени над 25 учесници – актери, танчери, музичари и техничка екипа.
„Ова не е само театар – ова е спектакл кој ги надминува границите на традиционалната сценска изведба. Воведуваме нов визуелен и телесен јазик во претставата, со цел да ѝ понудиме на публиката едно поинакво, поинтимно и подлабоко доживување“, истакна Трајковиќ.
Актерската екипа ја сочинуваат и: Илин Јовановски, Александра Михајловска, Владанка Крстевски, Кети Дончевска Илиќ, Давид Илиќ, Анастасија Трајковиќ, Никола Милошевски, Владо Дојчиноски, Жарко Јовановиќ, Ева Пауновиќ, Јована Таневска, Луна Марјановиќ, Теодор Јакимовски. Дел од актерската екипа се надворешни соработници.
Драматургот Сашо Костовски нагласи дека иако сите имаат предзнаење за Калигула, имале намера да раскажат приказна токму од аголот на прочуениот римски император.
„Сакавме да ја раскажеме приказната на Калигула, не само на луѓето што ја забележувале неговата историја. Ова е претстава за љубовта, публиката на крај ќе донесе пресуда дали е оправдано или неоправдано однесувањето на Калигула и дали навистина љубовта е причина за неговите дејствувања и делувања додека бил император“, појасни Костовски.
Сценографијата е на Мартин Манев, а костимографијата на Кети Пауновска Стевковска. Во преставата се користи авторска музика на композиторот Алмир Бајрамоски, а користени се фотографии и видео материјали на Емил Пачковски.
Билетите за премиерата се веќе продадени, а се очекува да присуствуваат гости кои доаѓаат од странство, селектори на фестивали, режисери, актери, танчери. Веќе се закажани неколку репризи кон крајот на мај и во текот на јуни.
„Калигула“ е претстава, дел од проектите од национален интерес за 2025 година на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“. Се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.