Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
По повод празникот „Свети Сава“, денеска Општина Куманово во која живее и е активна српската заедница, беше домаќин на високи претставници од Република Српска, Босна и Херцеговина, предводени од претседателката Жељка Цвијановиќ.
На средбата со градоначалникот Максим Димитриевски присуствуваа и амбасадорот на Босна и Херцеговина во РСМ Драган Јаќимовиќ, почесниот конзул на Србија во РСМ Владимир Стајиќ, пратеници во Собранието на РСМ и членови на Советот на Општина Куманово, кои се припадници на српската етничка заедница.
Димитриевски ја истакна долгогодишната традиција на пријателски односи и успешната соработка со повеќе општини од овие држави на културно ниво, потенцирајќи го продлабочувањето на соработката и на економски план.
На средбата беше истакнато меѓусебното почитување на потребите на сите заедници преку примерот на Куманово како мултиетнички град, во кој успешно се унапредуваат меѓучовечките односи, поврзувајќи ги граѓаните во сите општествени области.
Во чест на српскиот празник, синоќа во Занаетчискиот дом во Куманово беше одржана и Светосавска академија со традиционална српска културно-забавна програма.