Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Традиционални јадења од македонската, српската, албанската, ромската, турската и влашката кујна денеска беа претставени пред граѓаните во ресторанот НАМА.
Пред голем број посетители од сите националности, членките на здруженијата што ја подготвувле храната ги претставија нивните специјалитети. Присутните имаа можност да пробаат разни пити, баници, салати, полнети пиперки, гравче на тавче, сарми, печени месо, кокошки, мисирка и прасе.
Целта на проектот е подобрување на меѓуетничките односи во Куманово. Сакавме да направиме нешто оргинално, преку етничките кујни на сите националности што живеат во Куманово. Позната е изреката дека љубовта доаѓа од стомакот и затоа сакавме преку храната да ги спознаеме блискоста и различитостите на нашите култури-рече координаторката на проектот Татјана Крстевска претседателка на организацијата „Сирма„.
На манифестацијата, покрај храната беа презентирани и обичаите на семејствата кои живејат во Куманово. Коло на српските сестри имаше задача да ја претстави српската кујна.
Србите прават погача за секоја прилика, дали е тоа слава или обично пречекување на гости. Тука се познатите српската гибаница и препеќ,а незаобиколни се и сармата, пројата и секако она што е особено карактеристично за српските семејства, тоа е печено прасе со јаболко во уста.Имаме и салати и познатата српска шљивовица. Кога се во прашање слатките, подготвивме ванилици и штрудла со мак. Имаме и многу овошје - ја претстави својата маса Живка Христовска.
Секое семејство културата и традицијата на идните генерациите ја пренесува најмногу преку кујната.Ако нашите баби готвеле вакви јадења кои се специфични за поднебјето во кое живееле, ние имаме обврска истото да го пренесеме на нашите поколенија. Се обидовме денеска да претставиме дел од спецификите на секоја кујна - вели Лидија Илиевска.
Во проектот „Мултиетничка зедница-граѓани со еднакви права, можности и заштита„, учествуваа женските организации Сирма, Кумановка, Мајка, Коло на српските сестри, и Искреност, подржано од канцеларијата на УНДП.