Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на населбата Карпош ќе почекаат да се донесе новиот Генерален урбанистички план (ГУП) за да се реши проблемот со гробиштата.
Ова било заклучено на состанокот, кој се одржал минатата недела, а бил инициран од месното население и црковниот одбор, откако предходно за проблемот се дискутираше и Советот на Општина Куманово. На состанокот присуствувале претседателката на Советот Ивана Ѓорѓиевска, секретарот на Општината, советници, раководители на надлежни сектори и претставници од јавните претпријатија од Куманово, но не било најдено решение за управување и проширување на гробиштата.
„Гробиштата таму се нелегални, во приватна сопственост на физички лица. Состанокот може да го оцениме само како обид за решавање на проблемот на овие наши сограѓани. Мора да се чека донесувањето на новиот ГУП, па дури тогаш општината може да започне со експропријација на земјиштето, зборуваме за работи кои не чекаат во наредните најмалку две години. Кога административните и правните работи ќе бидат завршени, најмал проблем е да се делегира одржувањето на гробиштата на јавното претпријатие „Чистота и зеленило“. Дотогаш не чека долг и неизвесен пат“, кажа претседателката Ѓорѓиевска.
Жителите од населбата Карпош бараат урбанизација и проширување на гробиштата, поставување на водоводна- канализациска мрежа и канти за собирање на смет, а сметаат дека до тоа најлесно ќе се реши ако ЈП „Чистота и зеленило“ или новоформирана фирма го преземе управувањето и стопанисувањето со гробиштата.
Со години наназад гробиштата никој не ги одржува па се зараснати во трева и затрпани во ѓубре. Вода има само во салата за парастас, а таа е отворена само за задушница. Проблем е што со години наназад еден дел од жителите бараат да се преземе одржувањето на гробиштата, а другите се против затоа што самите инвестирале во купување на земјиштето и сега не сакаат да плаќаат за нивно одржување. Со овој проблем се среќаваа и предходните општински раководства.
Гробиштата во т.н. Рајкова куќа се формирани некаде кон средината на 20-тиот век со купување на плацеви од семејства на кое ги погребувале нивните починати. Но, како раснела населбата и се зголемувал бројот на населението имало се поголема побарувачка за гробно место. Поради немање на доволен простор се почесто починати жители на Карпош се погребуваат на градските гробишта во Куманово. Гробиштата се шират и веќе стигнале до околните куќи.
На состанокот е наложено на терен да излезе службата за инспекциски надзор и да преземе мерки за нелегалното градење на објекти во близина на гробиштата.
Населбата Карпош не е опфатена со стариот ГУП, а урбаната планска документација била укината во 2005 година од државата. Затоа, надлежните тврдат дека постојат правни пречки да се интервенира вон плански опфат или по било кој друг основ.