Продолжен рокот за пријавување на пожарникари
Владата го продолжи рокот за пријавување на јавниот повик за ангажирање на 400 пожарникари низ државата до среда, 23 јули.

"Одлуката за продолжување на рокот е донесена со цел да им се даде можност на што поголем број заинтересирани граѓани да аплицираат, особено имајќи предвид дека станува збор за значајна мерка која директно го засилува капацитетот на системот за заштита и спасување, особено во пресрет на летната сезона и зголемениот ризик од пожари", соопшти Владата.
Јавниот повик беше објавен на 10 јули и требаше да трае до денеска 17 јули.
Оваа мерка, која произлегува од Планот за вработување 2025, претставува системско и суштинско вложување во јавната безбедност и грижа за граѓаните. Ангажирањето на 400 пожарникари е прв ваков крупен чекор по повеќе од една деценија и директно одговара на долгогодишниот недостаток на кадар во противпожарните единици.
Во Куманово привремено ќе се ангажираат 30 невработени лица за заштита и превенција од пожари и заштита и оплеменување на животната средина на локално ниво – пошумување.
Работниот ангажман ќе трае најмногу 5 месеци, за месечен надоместок од 24.000 денари, со вклучено осигурување за инвалидитет и телесно оштетување при повреда на работа и професионална болест и данок на личен доход. Средствата се обезбедени од Буџетот на АВРСМ.
За учество на мерката лицата треба да се активни баратели на работа, да се здрави и психофизички способни, да не боледуваат од кардиоваскуларни и белодробни заболувања, епилепсија и дијабет. Да се на воздраст до 55 години.