Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
До Комисијата за спроведување на постапката за избор на превозници за општински линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, поднесени се неколку жалби од превозници кои не се задоволни како се распределени линиите на јавниот превоз во наредните 5 години во градот.
Иако не сакаа да дадат официјална изјава, од Општина Куманово велат дека до денеска е завршен жалбениот рок, по што комисијата ќе ги разгледа пристигнатите претставки и потоа ќе излезе со информација, кога и на кои линии ќе започне функционирањето на превозот.
Од превозниците кои учествуваат на тендерот, пак, дознаваме дека жалби се поднесени на четири линии 3, 4, 5 и 8, кои имаат најголем број на патници и се кон приградските населби Зелен рид - Железничка станица , Доброшане - Бедиње, Карпош - Железничка Станица и Тромеѓа - Бедиње, затоа што сметаат дека таму се направени најголеми прекршувања на постапката, и изборот е направен незаконски. Тие поднеле жалба до општинската комисија, но и до второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски. Рокот за постапување во вакви случаи е 60 дена.
За другите линии, 1, 2, 6, 7, 10 и 11, како и за дел од селата за коишто се доделени линиите и никој не се жалел, најверојатно, по потпишувањето на договорот и давањето на дозволите, превозниците од понеделник ќе започнат да возат.
Од 1 јануари, кумановци останаа без градски превоз затоа што Општината ја задоцни постапката за избор на нови фирми за превоз на патници.
Граѓаните се револтирани и бараат одговор од локалната власт до каде е постапката за организирање на превоз, бидејќи секојдневно се соочуваат со големи проблеми да стигнат до работното место или до градот.
Во Општина Куманово јавен градски превоз користат над 15.000 граѓани, од тоа 5.000 ученици во основните и средни училишта.
Општината распиша оглас за 26 линии, а 9 превозници се пријавиле за 19 линии.
Од вторник започнува второто полугодие на учебната година и треба да се организира и превоз за учениците до училиштата.