Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Претседателот на Советот Виктор Цветковски го обвини градоначалникот Зоран Дамјановски дека сака да го смени од работното место и да го деградира.
Јас лично, но и другите советници се соочуваме со јавен линч и имаме директен притисок за нашето мислење и гласање во Советот. Конкретно, градоначалникот се обиде со промена на систематизацијата во ЈП „Пазариште„, каде што јас работам, да ме смени од работното место и да ме деградира на најниско можно место кое одговара на моето образование. Дури наредил да ми се земат и сретствата за работа од канцеларијата. Тоа е апсолутно некоректно од некој што е два мандати градоначалник и претендира да земе трет мандат, и на ваков начин да се пресметува со они кои мислат различно од него. Од друга страна бевме сведоци на јавно етикетирање, омаловажување и изнесување на невисини на емисија на локална телевизија. Јас лично нема да поминам преку тие навреди и невистини и нема да дозволам градоначалникот да се однесува така. На таков градоначалник нема да му дадам подршка да ја води мојата Општина- вели председавачот Цветковски.
Градоначалникот Зоран Дамјановски ги отфрла обвинувањата и тврди дека советниците неосновано се претставуваат како жртви.
Не знам што бараат советниците Петрушевски и Цветковски, но во недостик на аргументи сакаат да прават театар и драма во Советот. Јас не сум преземал никакви активности, ниту сум донел одлука за смена на Цветковски од работното место. Тој сака да се претстави како жртва, но мислам дека му е погрешен патот и таквите работи се типични за едно минато време. Изјавата што ја дадов на локалната телевизија е мое лично мислење и за тоа ќе одговарам пред народот. Односите во Советот ги поставуваат партиите од мнозинството, а водењето на седниците е утврдено со деловникот. Овде не се работи за суспензија на демократски права, бидејќи работата на Советот е автономна и независна, а ниту една одлука не е поништена. Присуствувам на сите седници иако немам обврска. Ова денеска што го прават советниците за мене е нелогично и сами нека се преиспитаат што бараат- се бранеше Дамјановски.
Претседателката на општинската организација на СДСМ Снежана Захариева смета дека се работи за лични интереси на поединци кои и штетат на партијата.
Се работи за политичка игра која ја наметнаа нашите коалициони партнери, кои што многу добиле од СДСМ, меѓутоа во ситуација кога не им е удоволено некое барање или не е по нивна воља, врбуваа дел од нашите советници за да се создаде политичка криза.Се наоѓаме во предизборен период и жал ми е што се случува такво нешто. Верувам дека секој што е зрел треба да размисли и да одлучи на која страна ќе тргне. Политиката не ја сочинува само интерес туку и идеологија, ако ја браниме идеологијата на СДСМ сите треба да застанеме зад неа а не да се водиме од лични интерси- смета Захариева.
Поделбата во советничката група на СДСМ излезе на виделина на последната седница во јули, кога дел од советниците предводени од Цветковски гласаа против предлогот на градоначалникот за јавно-приватно партнерство на ЈП „Куманово-гас„. Како казна за непослушноста и противењето Дамјановски да добие подршка за уште еден мандат, Цветковски беше исклучен од партијата.
По поделбата, СДСМ го изгуби мнозинството во Советот. На вчерашната седница се очекуваше дека СДСМ ќе побара смена на претседавачот Цветковски, но по новиот распоред на силите предлогот немаше да помине.