Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во малата сала на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ утревечер со почеток во 19 часот ќе се одржи промоцијата на книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски.
Книгата е издадена пред 3 месеци, веќе доживеа две изданија и е најпопуларна книга на издавачката куќа Полица.
„Професионално, методолошки точно поставено проучување на Горановата есеистика. Со еден збор сјајно напишана научна студија за светлината на нашата драмска книжевност и театар Горан Стефановски“, ќе напише во рецензијата, меѓу другото, Венко Андоновски.
Промотор на книгата ќе биде проф.д-р.Весна Мојсова-Чепишевска, универзитетска професорка и критичарка. Извадоци од книгата ќе чита актерката Кети Дончевска Илиќ и Анастасија Величковиќ.
Во „Идентитетот е приказна“, покрај студијата на Антоновски е објавен и последниот, тестаментален есеј на Горан Стефановски – „Искрата што се измолкнува (наративи помеѓу чеканот и наковалната)“.
Иван Антоновски е асистент на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ и зад себе веќе има неколку публикации. Минатата година беше прогласен за најдобар млад научник во хуманистичките науки и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“.