Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“, утревечер во 19 часот ќе се одржи промоција на романот „Денот на црвот“ од Симона Јовановска.
Промотор на книгата ќе биде Благородна Абрашева Ноциќ.
„Денот на црвот“ е роман кој навестува дека е можна „басна“ со воведувањето на главните ликови: Црвот и Чавката. Но, тоа е итра замка која низ многубројни варијанти се преточува во животните судбини на јунаците што му припаѓаат на нашиот род. Се испреплетуваат меѓусебно, се заплетуваат, се расплетуваат, понекогаш ритамот е толку вртоглаво брз што прилега на оној од анимираните филмови. Но, овие, на Јованоска, се повеќе и од живи. Цела една галерија од живописни ликови! Секој на свој начин уникатен, а сепак сите поврзани со една заедничка нишка: ослободување од „прангите“, од внатрешните и од надворешните зандани, посегнување кон Слободата. „Денот на црвот“ изобилува со свежи компарации никаде досега сретнати, ненаметлива духовитост, понекогаш и со одмерена доза сарказам. И без исклучок: проникливост и интелигентност! Сето ова во комбинација со неспорниот талент и безмалку зачудувачки зрелата раскажувачка вештина, му овозможува на нејзиното дело висок дострел“, стои во рецензијата на книгата.
Романот „Денот на црвот“ од авторката Симона Јованоска ја доби наградата „Роман на годината“ за 2021 година на Фондацијата Славко Јаневски.