Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
„Лексикон на странски сликари во Македонија“ на Влатко Милошевски и Зоран Андонов беше промовиран во Занаетчискиот дом во Куманово. Во делото e опфатен 100-годишен период, од 1850-1950 година, со повеќе од 250 биографии на странски сликари и повеќе од 500 фотографии со репродукции од нивните македонски дела.
Покрај промоцијата на „Лексиконот“, истовремено беше поставена и изложба на слики од приватната колекција на Влатко Милошевски, на која се застапени автори од Австрија, Германија, Франција, Велика Британија, Србија односно Југославија и други земји. Четириесет слики за прв пат беа изложени пред македонската публика.
„Ова е резултат на 20 години од моето чепкање, секој ден по неколку часа истражував на интернет, проверував аукциски сајтови од Њујорк, Лондон, Виена, Париз, Белград, Софија,од секаде. Би било убаво мојата лична колекција собирана со години да се донесе во Македонија, да се направи една трајна поставка, Македонија заслужува таква работа. Има доволно материјал, доволно приказни, едукација на ова тема за тоа како не гледаат странците, што виделе во Македонија, дали го гледаат истото што ние го гледаме, дали Македонија во нашите и нивните очи е иста. И позади секоја ова слика стои лична животна приказна, лична животна драма“, вели авторот и колекционер Влатко Милошевски на промоцијата, кој живее во Холандија каде ја чува и својата колекција.
Промотор на делото и изложбата беше Кирил Пенушлиски, доктор по историја на уметност и по теорија на филм, кој со авторот и неговата работа се поврзал преку веб порталот Artlexicon.mk.
„Најголемата пофалба што можам да ја дадам за книгата е дека таа е релевантна. И тоа не само во овој момент, туку таа ќе остане и во наредните децении. Нема научна институција ,академска или образовна во Македонија која не би се гордеела со вакво издание. Им порачувам на авторите дека ова е само првиот дел, од вас се очекува да ги засукате ракавите и да продолжите со оваа работа. Огромни честитки за тоа што го завршивте, но ова е само влез во следното нешто што ќе го најдете“, изјави д-р Пенушлиски.
По објавувањето на книгата успеале да најдат уште околу 50 сликари, па сметаат дека Лексинконот ќе доживее и второ проширено издание. Во меѓувреме, љубителите на уметноста и историјата можат да ја посетат страницата Artlexicon.mk или да се информираат и да стапат во конаткт со авторот преку фејсбук страницата која ја следат 10 илјади луѓе, а текстовите ги прочитале повеќе од пола милион посетители.
Авторот Милошевски се надева и дека ќе стапи во контакт со надлежните од Министерството за култура или од управните органи на музеите за да се реализира идејата за постојана поставка на делата кои со години ги собира ентузијастот Влатко Милошевски, професиналец во областа на електрониката и комјутерските науки.
Книгата „ Лексикон на странски сликари во Македонија 1850-1950 година“ е издаден со финасиска поддршка на Министерството за култура.