Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска денеска го промовираше проектот за конзервација на црквата „Свети Ѓорѓи„ во Старо Нагоричане, кој чини 1,4 милиони евра, средства обезбедени од европските фондови и Министерството за култура.
Проектот ќе започне да се реализира наскоро, а опфаќа ревитализација на црквата Свети Ѓорѓи, изградба на плоштад во селото, реновирање на испосницата на Прохор Пчински и изградба на етнолошки музеј во старото училиште.
Проектот за конзервација и ревитализација на овој сакрален објект ќе овозможи да сочуваме еден извонреден примерок на сакралната архитектура кој говори за цивилизациското наследство на оваа почва. Пред институциите на Европската Унија ќе ја демонстрираме нашата грижа за културното наследство кое е дел од европското културно наследство. Црквата Свети Ѓорѓи со својот живопис е сведоштво за уметничките дострели на нашите простори. Нашите зографи Михаил и Ефтихи внатре создале бесценет живопис - изјави министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска.
Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав кажа дека Европа дава силна поддршка на културните институции во земјава преку различни програми.
Огромно задоволство имам што сум овдека на ова место да заеднички го отвориме и отпочнеме проектот. ЕУ и придава голема важност на заштитата на културното наследство како дел од заедничкиот културен потенцијал. Ќе продолжиме да соработуваме со културните институции и ќе им помагаме во нивните напори да понудат подобра заштита на културното и природното богатство - кажа Орав.
Од Општина Старо Нагоричане сметаат дека овој проект ќе придонесе за развој на општината и туристичка промоција на регионот.
Проектот ќе заврши во втората половина на 2015 година.