Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Градската библиотека „Тане Георгиевски“ синоќа беше промовирана збирката поезија „За жените кои немаат куќа и три обични дена“ од Сеида Бегановиќ.
Оваа книга во 2014 година го доби признанието “Книжевен мост“ кое го доделува Друштвото на писатели на Македонија. Бегановиќ вели дека книгата содржи 44 песни кои се пишувани пред пет-шест години. Рече дека критичарите ја доживуваат оваа книга како дело кое го доловува чувството за бездомност на цела цивилизација. Пишува за куќата не како објект, туку како место каде луѓето го поминуваат времето и имаат спомени.
Во песните се зборува за жената како суштество. Не се работи за некоја феминистичка приказна, некоја сензуалност или лирика. Ова се приказни кои се за мене цивилизираност. Тие песни на некој начин ми се особено драги затоа што се затварање врата на една моја голема траума, кој сум, што сум, каде сум. Централно прашање е жените кога ќе си заминат дома каде се враќаат?Дали жените воопшто имаат дом? На кого припаѓа куќата. Приказната е за домот и куќата антолошки, каде е таа егзистенцијална чистина на која жената може да се реализира - кажа авторката.
Промоторот Владимир Мартиновски вели дека поетесата направила премин од една во друга култура од Босна во Македонија и тоа се огледува и во делото. Своето лично искуство Бегановиќ го преточила во поезија.
Сеида и низ своето лично искуство и низ една лирска перспектива и низ една длабока димензија овие теми на номадизмот, на невдоменоста, успева на еден поетски начин да ги долови. Песните се емотивно многу богати, но и мисловно. Една многу важна филозофска димензија има секоја нејзина песна. Станува збор за една целина во која песните се провлекуваат. Поетските слики се многу сугестивни и градат едно ново единство како стихозбирка - рече Мартиновски.
Бегановиќ ги објавила поетските збирките „Индекс на изговори“ и „Граничници“ како и романите „Албум на совршените мигови“ и „Интервју со сината куќа“. Незините дела се преведени на повеќе јазици.
Промоцијата е во рамки на одбележување на 7 деценции постоење на библиотеката.