×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Пропаѓаат носии стари над 100 години

    03.12.2011 11:57 | KumanovoNews

    Златко Давитковски (66) од кумановското село Режановце, со сопствени пари гради етнолошки музеј во дворот на црквата „Св.Јован Опсечен„, откако државата не најде интерес да инвестира во заштитата на културното наследство.

    Пропаѓаат носии стари над 100 години

     Мини-музејот ќе биде сместен во зградата каде што и порано се наоѓале собите со носии и етнолошки предмети, но сега реновирана и прилагодена за потребите на поставките.

      На стотина квадратни метри уреден простор, по сите стандарди, со специјално осветление и озвучување, на кукли и во стаклени витрини ќе се изложат највредните експонати на македонската култура и традиција. Во музејот ќе биде изработена и соба со оригинална македонска кујна, со огниште изделкано од камен со сите придружни елементи од тоа време. Единствен недостаток на новиот музеј е тоа што во него не може да се собере целата збирка на 700 носии, 400 килими и 1500 предмети. Во него ќе бидат изложени само 9 килими, триесетина машки и женски носии и дел од предметите за домаќинството. Останатите повторно ќе бидат оставени да пропаѓаат.

    Тоа богатство не е Златко Давитковски, туку наше, на македонскиот народ, тоа е нашиот идентитет со кој треба да се гордееме и да бидеме благодарни што некој се нашол да го собере и да го сочува за нашите поколенија. Со вакво однесување, сами си го газиме идентитетот и ни умира традицијата. Никој не може да ме убеди дека тоа што нема да се изложи, ќе се сочува.Ќе пропадне, ќе го изедат молци и влага, и како никогаш да не постоело. Испадна дека само јас ги сакам носиите и никој друг- вели разочарано Злате.

    За реновирањето на страта зграда, Злате вложил над 3.000 евра од скромната пензија и од пари што ги оставаат граѓаните во црквата „Свети Јован Опсечен„. Во релизација на проектот волонтерски му помагаат професори етнолози од Природно-математичкиот факултет. Разочаран што е препуштен сам на себе, апелира до државата и до сите добри луѓе да му помогнат да го спаси сведоштвото на едно наше време.

    Многу сум разочаран и при крај сум со трпението, бидејќи да собереш толкаво богатство, а при тоа да тапкаш во место со години и никој да не сака да ти помогне е повеќе од жално. Државата не сака или нема слух да ми даде ни минимална подршка. Ми кажаа дека од Министерството за култура ќе добијам 700 евра за реновирање на старата зграда, но сеуште ги нема.Јас не барам ништо друго освен да ми помогнат да го до уредиме музејот, ако веќе не несакаат да градат нов- вели Злате.

    Неговата збирка на етнолошки премети и фолклорни ракотворби е најголема во државата со над 3700  парчиња. Пред две години, извршена е конзевација на носиите за да се заштитат. Истите професори- етнолози од Природно математичкиот факултет со нивни студенти работеле 5 месеци на конзервација на носиите, по што ги регистрирале сите предмети и изработиле елаборат. При тоа утврдиле дека 30 посто од носиите се оштетни. Отогаш, бидејќи не се чуват во соодветни услови тие и понатаму проѓаат.

    Во 16 квадрати веќе две години чувам 700 носии, завиткани во чаршафи, како да е, не дај боже, гробница. Душата ме боли вака да ги гледам. Повеќето се уникатни примероци, и нема каде да се најдат. Ама пак почнаа молци да ги нагризуваат и глувци да ги јадат во собите. Носии, стари над 120- 130 години, кои ги работеле нашите баби на ламби, ние дозволуваме да иструлат. Две години како се конзервирани носиите никој не дојде да види во каква состојба се- раскажува Злате.

     Во богатата збирка има најмногу народни носии од Источна Македонија,35 комплети од Кривопланечко од каде што потекнува Злате, потоа од Кумановско, Скопско, Охридско, Гостиварско, Гевгелиско... Меѓу носиите има македонски, српски, влашки, муслимански, ромски, бугарски, украинси ... Дел од предметите се стари и над 100 години. Ковчези, машина за шиење, музички инструменти, земјани садови, сандаци, разбоји се само дел од збирката вредни предмети. Злате старите носии и предмети ги собита повеќе од 40 години. Првата носија ја добил од неговата сестра Ангелина, а била на мајка му, останатите ги добивал од луѓе на кои им помогнал во животот. Фолклорните ракотворби и песните ги собирал сам по селата.

     Јас сум посетил повеќе музеи на Балканот, ама таму, со помали збирки направиле убавина. Да беше ова културно богатство во некоја друга држава, ќе беше туристичка атракција и ќе заработуваа на тоа, а кај нас не сакаат еден денар да дадат. Постојано се јавуваат од училиштата, од здруженија на пензионери, како и гости кои доаѓаат од странство, кои сакаат да го посетат музејот и да ги видат носиите. Но јас ги враќам бидејќи нема што да им покажам. Ми се јавуваат и етнолози од други држави каде што имаат помали збирки, и бараат да ги продадам или подарам, за да ги изложат и сочуваат, но јас немам срце тоа да го направам-вели Злате.

    Новиот мини-музеј ќе проработи по Нова година, а единствената желба на Злате е во селото Режановце, во неговиот мал рај, помеѓу црквата “Свети Јован Опсечен„, цвеќето и тревниците да се изгради голема куќа-музеј за највредната збирка етнолошко богатство на Македонија.