Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Жителите на селото Речица, денеска излегоа на протест и побараа од општината и МВР да ги заштитат од дивеeњето на возачите од липковско, кои поминуваат низ селото.
Немања Стаменовиќ (10) од селото Речица пред три дена е тешко повреден во сообраќајна несреќа на регионалниот пат Куманово- Лојане, додека се враќал од училиште. Во него со автомобил удрил жител од селото Ваксинце, кој наместо да му пружи помош, побегнал од место на несреќата и го оставил на улица. Повреденото дете е пренесено во болница во Скопје, каде со сериозни повреди на главата се бори за живот.
Тоа ги разгневи жителите на селото Речица, кои денеска излегоа на протест и побараа од надлежните институции во општината и МВР да преземат мерки за да ги заштитат нивните деца од дивеењето на возачите низ селото. Тие кажуваат дека само во последните две години се прегазени десетина деца и уште толку постари жители, од кои неколку починале. Во селото речиси и да нема семејство во кое нема повреден во сообраќајка на патот, а несовесните возачи се главно од липковските села, кои секогаш го напуштале местото на несреќата.
Меѓу жителите, кои денеска излегоа на протест, беше и мајката на повредениот Немања, која скршена од болка побара казна за виновникот кој го повреди нејзиниот единец.
Јас бев на работа кога ми јавија дека детето ми е повредено. Кога дојдов тој беше однесен во болница во многу лоша здравствена состојба. Сега малку е стабилизиран, благодарение на докторите кои многу се трудат да му помогнат. Се молам на Господ да го спаси. Пред четири години на истото место го удрија и свекор ми, и тогаш возачот побегна а потоа остана неказнет. Незнам каков е тој човек што не сакал да му пружи помош на детето. Тој побегнал а во близина немало никој, само деца, а во такви моменти секоја минута е битна. Јас имам едно дете и се прашувам како би се чувствувал возачот сега да е на мое место - липа и се гуши во солзи мајката Зорица Стаменовиќ.
Жителите кажуваат дека на улицата низ селото на која нема тротоари ниту лежечки полицајаци ограничувањето е 40, а се вози со брзина и од 150 километи на час.
Во рамниот дел на патот често пати има и трки. Ние немаме начин да ги спречиме, пријавуваме во полиција и во општината, но без резултати. Секојдневно ги водиме и ги чекаме децата од училиште затоа што се плашиме за нивната безбедност на патот. Доколку надлежните не ни помогне ќе ги радикализираме протестите и ќе го блокираме патот со земјоделска механизација- вели Валентин Стоиловиќ, претседател на м.з. Речица.
Повредените во сообраќајки ги обвинија и судовите дека ги штитат насилниците, па судските постапки ги развлекуваат додека делото да застаре, а често пати настраданите ги прогласуваат за виновни.
Селото Речица се наоѓа на 7 километри од Куманово и во него живејат над 600 жители од српска националност.