Мени

Нема да се укинат само ќе се спојат одредени линии заради поефикасен превоз, велат од Општина Куманово

06.11.2026 09:28 | Сузана Николиќ

Одлуката на Советот на Општина Куманово за намалување на седум автобуски линии во градскиот превоз предизвика негодување кај граѓаните, кои сметаат дека тоа негативно ќе влијае врз квалитетот на услугата.

 

Нема да се укинат само ќе се спојат одредени линии заради поефикасен превоз, велат од Општина Куманово

Досега во Куманово функционираа 26 линии, а со новата одлука нивниот број ќе се намали на 19, бидејќи не се рентабилни.

Од Секторот за комунални работи, инфраструктура и сообраќај и заштита на животната средина и природата, за Кумановоњуз велат дека намалувањето на бројот на линии не значи нивно укинување, туку реорганизација и спојување заради подобра покриеност на сите делови од градот, приградските населби и селата на територијата на Општина Куманово.

„Автобуските линии не се укинуваат и понатаму ќе функционираат според утврдениот возен ред. Не е точно дека со редуцирањето на одредени линии граѓаните ќе останат без превоз. Како и досега, превозот ќе биде обезбеден до сите населени места. Се спојуваат само линии на кои има помал број на патници, со цел да се добие пофункционален превоз“, велат од Секторот.

Согласно новата одлука за уредување на општинскиот линиски превоз на патници на подрачјето на Општина Куманово, измените се однесуваат на следниве линии:

Досегашните линии бр. 1 Проевце – Бедиње и бр. 4 Бедиње – Доброшане се спојуваат во линија бр. 1 Проевце – Железничка станица.

Досегашните линии бр. 3 Зелен Рид – Железничка станица и бр. 4 Бедиње – Доброшане се спојуваат во линија бр. 3 Доброшане – Зелен Рид – Индустриска.

Досегашните линии бр. 17 Куманово – Табановце (Сланиште) и бр. 20 Куманово – Четирце се спојуваат во линија бр. 16 Куманово – Четирце – Табановце (Сланиште).

Досегашната линија бр. 10 Биљановце – Бедиње се менува во линија бр. 9 Биљановце – Пожарна.

Досегашните линии бр. 14 Автобуска станица – с. Орашац, бр. 18 Куманово – с. Скачковце, бр. 21 Куманово – Градиште – с. Пезово – с. Кшање – с. Кокошиње, бр. 22 Куманово – с. Новосељане – с. Косматац – с. Мургаш и бр. 23 Куманово – с. Кучкарево – с. Гагреш се спојуваат во линија бр. 13 Автобуска станица – Орашац – Скачковце – Новосељане – Косматац – Мургаш – Кучкарево – Габреш – Градиште – Пезово – Кшање – Кокошиње.

Советот на Општина Куманово на последната седница донесе нова одлука за уредување на општинскиот линиски превоз на патници во Куманово, бидејќи до крајот на годината завршуваат договорите на сегашните превозници.

Новата одлука предвидува и зголемување на цената на автобускиот билет за 15 денари, кое ќе стапи во сила од 1 јануари 2027 година.