Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
На едночасовен предупредувачки протест денеска излегоа вработените во градинката „Ангел Шајче“, и побараа од раководството на установата и надлежните министерства да им се исплати јунската плата.
Протестот го поддржаа 90-тина вработени во установата, а се одржа пред градинката „Развигорче“ на улицата „Моша Пијаде“.
Иако имало најави дека денеска ќе бидат пуштена платата, тоа не се случило, по што е донесена конечна одлука да се излезе на протест.
„Задоволни сме од одѕивот, со оглед на фактот што и децата мора да се згрижени на спиење, сезона на годишни одмори е, а има и вработени кои не се синдикални членови. И за утре одлучивме да чекаме до 12 часот, ако се уште нема плата, ист ваков протест ќе организираме пред општината заедно со колешките, членки на синдикатот“, истакна Цветанка Митевска, претседателка на регионалниот одбор на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК).
Поради децата кои ги згрижуваат, по протестот дел од вработените се вратија на своите работни места. За голем дел од нив платата е единствениот приход во семејството, во градинката има и брачни парови и лица со хронични болест, за кои постои опасност дека ќе има прекин на здравственото осигурување.
„Моето семејство живее од тие плати , со сопругот немаме дополнителни приходи, затоа и излегов на протестов на овие жештини. За среќа, тој работи во друга фирма, но две деца, сметки, кредити- мораат да се платат навреме, а за јадење ќе видиме. И децата потпораснаа си бараат за излегување, забава, лето е и тие сакаат да се опуштат со другарите“, истакна една негувателка, која инсистираше на анонимност.
Насобраните изразија благодарност до граѓаните за поддршката кои ја добиле од родителите и колегите од гранковиот синдикат од целиот Североисточен регион.
Раководството на градинката не беше достапна за изјава до медиумите за настанатата ситуација, а не се обрати ниту до своите вработени.
Има навестувања дека ситуацијата наскоро ќе се разреши. Претседателот на СОНК Јаким Неделковски ги информирал дека е надминато недоразбирањето со Министерството за економија, се работи на расчистување на настанатата административна грешка и дека во најскоро време барањата на колективот на Градинката „Ангел Шајче“ ќе бидат исполнети во целост.
Проблемот е на релација Општина Куманово и Министерството за финансии, поради нови вработувања кои биле реализирани во иминатиот период.