Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во просториите на Црвен Крст Куманово два пати неделно децата до 15 години од населбата Тоде Мендол, каде на 9 и 10 мај имаше вооружени дејствија ќе добиваат психолошка помош од стручни лица.
Со овие деца ќе работат психолози од Гешталт институтот од Скопје, а заинтересираните за терапија можат да се пријават во месна заедница Тоде Мендол или директно во Црвен Крст. Психолошка помош најмладите ќе користат до крајот на летото.
“Ќе работиме во вторник од 17 до 19 часот и во петок од 14 до 16 часот. Два месеци сигурно ќе работиме за да им помогнеме на оние на кои тоа навистина им е потребно. Ова е за категорија до 15 години, но ќе доаѓаат можеби и цели семејства“- вели Иле Митковски, секретар во Црвен Крст Куманово.
Психологот и психотерапевт Јана Величковска вели дека децата се многу ранливи на воени конфликти, и психолошка помош им е неопходна. Тие ќе им помогнат децата да ги совладаат траумите и фобиите.
„Ние со колегата ќе бидеме тука за сите оние граѓани од населбата Тоде Мендол, кои пред извесен период го поминаа целиот тој процес. Ќе им ја понудиме нашата психолошка помош и поддршка и на нивните семејства. Ќе бидеме тука за сите нивни проблеми, за се она што им е потребно. Децата овие настани најтрагично ги доживуваат, а ние како возрасни имаме механизми со кои се справуваме со сите овие ситуации. Многу често од вакви ситуации излегуваат со трауми, стравови кои ќе им се рефлектираат во нивното понатамошно живеење“ - кажа Величковска.
Неколку пати по воените дејствија беше потенцирано дека на овие луѓе им е потребна стручна помош за совладување на претрпениот страв.