Пукање во центарот на Куманово- ранет лекар, носител на листата на ДУИ во Липково
Две лица денеска околу 14 часот пукале и раниле едно лице во центарот на Куманово.

Според полицијата, повредениот се возел со голф, а во него пукале две лица кои се движеле по улицата. Инцидентот се случил на раскрсница пред општина Куманово, на 50-тина метри од полициската станица во Куманово.
„Во 13.54 часот во СВР Куманово е пријавено дека на крстосница од ул. Димитрије Туцовиќ со ул. 11 Октомври во Куманово, две лица лица во движење од огнено оружје пукале во патничко возило „фолксваген голф “, управувано од З.Ш.(43) од с.Слупчане, општина Липково, кој се здобил со повреди и е пренесен во болницата во Куманово за укажување помош. Полициски службеници излегоа на местото и се работи на расчистување на случајот“, соопшти Кумановската полиција.
Од Основното јавно обвинтелство во Куманово велат дека, двајца јавни обвинители од излегле на лице место и вршат увид на лице место.
„Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат“, соопшти ОЈО Куманово.
Очевидци, кои работат во Општина Куманово велат дека одеднаш слушнале 5-6 истрели од огнено оружје, а кога погледнале надвор виделе неколку лица како бегаат и полицајци кои трчаат по нив. Настанала пискотница на улицата, а ранетиот човек лежел на улица.
Според непотврдени информации повреден е д-р Зекирија Шаини, кој е вработен на скопската Клиника за пулмологија и е носител на советничката листа на ДУИ во општина Липково. Тој е пренесен на лекување на Скопските клиники.
Улицата на која се случи пукањето е затворена за сообраќај, и е под силно полициско обезбедување.