Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Центарот за вработување Куманово денеска се одржа Форум на работодавачи, на кој дваесетина работодавачи се запознаа со најновите мерки за вработување кои ги нуди државата.
Форумот го организираат Центарот за вработување, Министерство за труд и социјална политика, Национален совет за претприемништво и УНДП, за да се подобри социјалниот дијалог меѓу работодавачите и невработените и да се реализираат што повеќе вработувања.
Ќе ги презентираме најновите законски одредби кои поминаа во Собрание, со кои одредени лица, кои имаат одрен број на години ќе можат да имаат бенефити фирмите кои што ќе ги вработат. Повикани се и 25 млади невработени лица со кои ќе имаме посебна средба - вели Благе Јакимовски, соработник во Центар за вработување Куманово.
Некои од присутните работодавачи веќе аплицирале за одредни мерки, а некои воопшто немале такво искуство, но се заинтересирани да ангажираат практиканти или да вработат стручни кадри.
Очекувам вработување на кадри кои се побарани. Нас ни требаат кадри за производство на чевли. Може да биде и со обука или обучени. Посебно сме заинтересирани за вработување на млади кадри. Имаме вкупно 34 вработени засега - кажа Оливера Трајковска, претставник на чевларска фирма.
Невработените кои долги години чекаат работа, се надеваат дека ќе им се насмевне среќата.
Десет години чекам работа. По професија сум чевларски техничар. Сум работела претходно осум години во “Чик“. Работа за оваа струка има, но е многу слабо платено, а јас имам 50 години веќе - рече Станка Георгиевска, невработена.
Вакви Форуми со работодавачи се одржуваат и во другите градови низ Македонија.