Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Млада кумановка, студентка по италијански и шпански јазик во Софија, изработува оргинален и уникатен накит по нарачка.
Ивана Трајковска го отвори првото студио за изработка на уникатен накит во градот “Ателје Мулиер“. На едно место можат да се најдат единствени примероци на обетки, синџирчиња, нараквици, бидермаери, брошеви, прстени, шноли, привезоци и друг накит, кои се изработуваат рачно. Предноста на ова атеље е што клиентите можат да нарачаат накит по сопствена желба.
Ивана своето хоби го усовршила во Бугарија, а долгогодишната љубов кон изработката на накит од неодамна ја преточи во сопствен бизнис.
Обуката траеше две години во школа во Софија која работи по пример на училиште од Лондон. На секого му се случило да бара обетки во некоја боја, а да не најде такви. Овде може да најде се. Секој пар обетки го има во еден примерок и ништо не е копирано. Потполно ист примерок не се изработува. Обуката трае цел живот. Постојано излегуваат нови техники на работа. Се е увозно од материјали. Тука нема дури ни обична игла со која треба да работам. Материјалите се од различни делови од Европа - вели Трајковска.
Ивана објаснува дека досега своите изработки ги презентирала во соседна Бугарија, а планира наскоро да земе учество и на домашните базари. За оваа работа вели дека треба да се знаат одредени техники, но талентот е пресуден за да се биде најдобар и да се напредува.
Има луѓе кои бараат впечалив, гламурозен накит, а има други кои сакаат нешто поедноставно и нежно. Зависи од моделот. За некои парчиња потребни се 10 до 15 дена работа, ако се посложени. Има и лесни модели кои за 2 до 3 часа можат да бидат готови. Основно што научив на курсот е дека многу важен е квалитетот. Кај нас уште не се ценат доволно овие вредности - додава Трајковска.
Оваа млада девојка ја реализира својата идеја која ја имала уште во детските години. Таа се надева дека на пазарот ќе се наметне со своите идеи и вештини и како таква луѓето ќе ја препознаваат. Трајковска вели дека изработката на накит за неа не е хоби, туку е професија. Планира својата работа да ја надгради и прошири. Атељето се наоѓа на улицата Народна револуција, спроти Цитадела.