×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Развојот на чаршијата во Куманово

    23.11.2019 11:25 | KumanovoNews

    Иако старата кумановска чаршија се споменува уште во 16 век, сепак своето вистинско урбано обликување го доживува некаде во средината на 19 век.

    Развојот на чаршијата во Куманово

    Основните јадра на градот се оформиле некаде пред и по доаѓањето и населувањето на Турците, односно луѓето најмногу се собирале околу двата верски објекти, црквичката „Св. Никола“- вдлабната во земја со девет скалила, каде всушност ќе изникне првото градско Варош маало и околу старата Ески џамија, која била изградена во 16 век, каде всушност се оформило познатото Орта Бунар и Мехмедбеговото маало. На овие простори, каде приматот го зема христијанското, околу просторната Тумба почнува да се оформува кумановската урбана чаршија. Исто така, помеѓу овие градски јадра се наоѓала и суводолината Серава, која го делела Куманово на два дела. Со текот на времето се градел градот, се оформувале сокаците, а луѓето излегувале и пазареле на Тумба.

    Така почнале да никнуваат ситни занаетчиски дуќани, па во 1876 година во кумановско имало 253 дуќани, 34 магази, 34 анови, додека пак во 1896 година бројот на дуќаните пораснал на 850, односно 900 до 1900 година.

    Веќе по Балканските војни, двете окупации од Србите и Бугарите во 1912 и 1915 година, односно формирањето на СХС на 1 декември 1918 година, Куманово тргнува по еден нов пат. Лошата урбанистичка состојба на градот почнува да се поправа, како во делот на изградба на семејни стамбени згради, така и во делот на сопствени објекти, односно во делот на угостителството и трговијата.

    Посебно во почетокот на третата деценија на 20 век се интензивира изградбата на семејни и објекти кои се градат вдолж сообраќајниците на градот, каде се` до 1923 година во Куманово немало такви изградби. Првите обиди на градската управа биле насочени кон соработка со чешкиот инжинер Карл Брош со кој е склучен договор за изградба на Регулационен план на градот Куманово, уште пред почетокот на Првата светска војна, кој по војната пропаднал. Работите се раздвижуваат откако во 1923 година ќе се изготви тој план, а ќе биде ангажиран рускиот инжинер Владимир Антонов.

    Претходно, физиономијата на Куманово е составена од мрежата на познатите кумановски сокаци кои се вкрстуваа на пространата Тумба.

    Во чаршијата биле изградени сите јавни објекти карактеристични за тогашните ориентални чаршии. Па во Орта Бунар и Мехмедовото маало биле изградени Саат кулата, во 18 век, Амамот, Медресата, повеќе текии, Татар Синан бегова џамија во 1532 година и Јеми џамијата во 1803 година. Во нејзината близина била Ќурќијаната, Безистенот и повеќе анови.

    Во втората половина на 19 век, кога Тумба станува центар на градот, била изградена општинската куќа Беледие, со аптека во долниот дел на Уќумот сокакот (полициска станица).

    Својата физиономоија во овој облик, кумановската чаршија ја задржува се` до педесетите години на 20 век , кога е срушена и на нејзиното место е изградена Стоковната куќа-НАМА и дел од градскиот плоштад.

    Инаку, старата чаршија првите трансформации ги доживува по Првата Светска војна, кога се градат објектите на Занаетчискиот дом (1930), зградата на Општината (1932/33), околијата (1931), Соколскиот дом (1931), Бановинската градска болница (1935), Хотел Куманово (1930) и повеќе семејни и деловни објекти.

    Па, така кумановската чаршија исчезнува во средината на 20 век, кога дел по дел се урива и каде се офрмува современиот градски плоштад. Така доаѓа и до исчезнување на просторната Тумба, каде ќе биде изграден Споменикот на револуцијата со гордата Македонка-дело на академскиот вајар Коста Амгели Радовани, а се уриваат и познатите четири бандери, долговременски знак за препознавање на Куманово.

    Во повоената трансформација, се губи и Саат кулата, се урива стариот Амам, Ќурчи Ханот, Безистенот како и Опинчарскиот сокак.

    Останува да „виси во воздухот“ прашањето: дали сите овие културни одбележја требаше да бидат урнати или требаше да се изнајде некој начин за да се сочуваат?

    По Втората Светскла војна, Куманово доживува крупни промени и на полето на комунално-стамбената изградба и  на урбаното обликување. Старите кумановски улици го менуваа ликот, се рушеа трошните кумановски домови и се градеа нови. Се изградија нови населби, нови сообраќајници, градска инфраструктура, нов водовод и канализација. Никнаа населбите Карпош, Перо Чичо, Гоце Делчев, Бајрам Шабани, Зелен Рид, Бабин Дол, Железничка станица и многу други.

    Според статистичките податоци од 1966/88 година, се изградени вкупно 10.270 станови, на старите кумановски сокаци им се придружија нови модерни сообраќајници: булеварите „Трета МУБ“ и „Октомвриска Револуција“, улиците „Гоце Делчев“, „Тоде Думба“, „Лесковачка“, „АВНОЈ“, „Власто Радоњанин“ и многу други.

    Во 1958 година во градот потече вода во новиот водовод од водите на Липковската брана, се изгради филтер станица, водна кула, се подобри водоснабдувањето.  Исто така, електрификација е спроведена во сите населени места, а е изградена и нова локална патна мрежа.

    (Извадок од книгата „Куманово и Кумановско“ од авторот Димитар Масевски)