Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Министерството за труд и социјална политика (МТСП) планира во 2024 година да ја реконструира зградата на поранешниот Дом на пионери во Куманово и да ја пренамени за социјална заштита на лицата со попреченост. Веќе е извршен увид на терен и се очекува да се пристапи кон реализација на планираното.
„Преку Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2024 година, на Министерството за труд и социјална политика ќе биде приоритет адаптацијата на објектот и негова реконструкција. Објектите кои се во сопственост на државата се објекти кои припаѓаат на граѓаните, земајќи го тоа во предвид Министерството нема да дозволи истиот да биде подложен на понатамошно уништување и пропаѓање. МТСП има во план во објектот да спроведе услуги од областа на социјалната заштита и тоа услуги за лица со попреченост, советувалишта и дневни центри“, стои во одговорот на Министерството на прашањата на Кумановоњуз зошто објектот е неискористен и оставен да пропаѓа.
Оттаму добаваат дека вработените во одделението за инвестиции во Министерството за труд и социјална политика направиле увид во објектот на Пионерскиот дом – Куманово со претставници од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Куманови, и било констатирано дека за да се стави во употреба објектот потребно е целосно да се реконструира и адаптира.
„Со цел развивање на услуги во делот на социјалната заштита, Министерството за труд и социјална политика во координација со ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа, Куманово ќе пристапи кон детална анализа за социјалните услуги за потребите и приоритетите на граѓаните, со план за реализација на инвестицијата во Програмата за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2024 година“, велат од МТСП.
Дел од ѕградата на Пионерскиот дом во Куманово од 2018 година е пренаменета за детска градинка. Иако, тогаш беше најавено дека наскоро ќе се реконстуира целиот објект за истата намена, тоа никогаш не се случи. Напротив, зградата остана незаштитена и стана мета на крадци и уништување. Сега целосно е руинирана и небезбедена за околината.
Општина Куманово неколку пати бараше да и се отстапи објектот, но доби негативно мислење од МТСП.