Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во девети месец влезе реконструкцијата на малиот плоштад во Куманово. Иако дел од градилиштето е одградено и поставена е урбана опрема, на другиот крај стои песок и цемент, што наведува дека престојат сериозни градежни зафати, и нема изгледи дека наскоро ќе заврши.
„Инсистираме на поголема ефикасност и побрзо завршување на градежните работи на малиот плоштад и искрено се надеваме дека ќе биде завршен за Денот на градот - 11 Ноември. Се доцни малку со извршување на проектот, но запазени се временските рокови, по дополна на договорот, се е во рамките на законот“, истакна Момчило Јовановски од Секторот за комунални работи.
Од јануари, откако е започната реконструкцијата на плоштадот на неколку наврати имаше прекин на работите. Надлежните објаснуваа дека обемот на работа е зголемен затоа што непланирано требало да се менува водоводната мрежа и да се постави атмосферска канализација, нова електрична инсталација и набавка на канделабри. Во еден период недостасувале гранитни плочки, а изведувачот имал проблеми со работниците, објаснуваат надлежните. Изведувач на работите е „Ленди Груп ДООЕЛ“ од Скопје, фирма на која и се исплаќа по доставен извештај за завршена работа.
„Ако сакаат да наплатат, ќе мора да сработат“, заклучува Јовановски.
Иако се уште не се завршени работите пред и околу зградата на Центарот за култура, поставени се клупи и канти за отпадоци, заштитната ограда е тргната и плочникот е слободен за минување.
Реконструкцијата на малиот плоштадот започна во јануари со рок за изведба од 180 работни дена. Подоцна беше усвоена дополна на договорот со кој се продолжи рокот на изведувачот, но и се зголеми цената на чинење. Од првично предвидените 773 илјади евра, сега новиот плоштад ќе кошта близу 840 илјади евра.
Реконструкцијата на малиот плоштад е дел од проектот за урбана мобилност, кој ќе се изведува во три фази. Првата фаза е токму спојувањето на двата плоштади во едно големо плато, втората фаза ќе се одвива во делот на т.н. Скопски дуќани и спојување со ул. Ленинова, и последната трета се однесува на ул. Илинденска.