×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Само регистрирани мотокултиватори смеат да учествуваат во сообраќај, другите треба да се исклучат

    17.11.2023 09:09 | Оливера Пешевска

    Мотокултиватори со приколки  можат да се користат како превозно или товарно возило, и непречено да учествуваат во сообраќајот само доколку се регистрирани, во спротивно полицијата треба да ги исклучи и да не и им дозволи да бидат редовни учесници во сообраќајот.

    Само регистрирани мотокултиватори смеат да учествуваат во сообраќај, другите треба да се исклучат

    Со нив може да управува само возач со важечка дозвола, а според Законот за безбедност во сообраќајот имаат право да се движат по градските улици и регионалните патишта, но забрането е да се вклучува во сообраќајот на автопат или експресен пат. Тие задолжително треба да бидат технички исправни и да имаат исправни уреди.

    Ова го предвидел законот, но праксата покажува сосема нешто друго. Најголем дел од  мотокултуваторите кои се движат по кумановските улици не се регистрирани, па оттука и не се знае дали се исправни, а дел од нивните сопственици, со оглед на возраста тешко дека имаа возачка дозвола.

    „Мотокултиваторите кои првенствено се земјоделска механизација имаат право да се регистрираат како превозно средство со лесна приколка, но мора да го поминат процесот на хомологација и технички преглед. Досега имаме само еден случај во пракса кога превозник сакаше да се легализира и го помина целиот процес. Зошто е тоа така не знам, затоа што генерално и трошоците не се многу високи. Секој регистриран учесник во сообраќајот има право на надоместок на штета од автоодговорност преку осигурителните компании. За други случаи надлежна е полицијата“, вели Бранко Зафировски, агент на ВФП Брокерско друштво.

    Поради тоа што немаат осигурување, доколку учествуваат или предизвикаат сообраќајна незгода, ниту тие ни оштетената страна не можат да ја наплатат претрпената штета. Граѓаните и локалната самоуправа во повеќе наврати бараат од МВР да го реши овој проблем и да создаде ред по кумановските улици.

    „Овие превозни средства никаде не се регистрирани, работат на диво и некој свесно ги толерира. Прават големи проблеми во градот, вршат нелегален транспот, го депонираат сметот каде што ќе стигнат, создаваат диви депонии на периферијата на градот и во реките. Дополнително ја загрогуваат безбедноста на граѓаните во сообраќајот, се паркираат на одредени улици и го попречуваат нормалното движење на другите возила. Бараме и за нив да важат истите правилата како за другите учесници во сообраќајот, како и за возила кои вршат дејност транспорт, да извадат лиценци за работа“, вели директорот на ЈП “Чистота и зеленило“ Даниел Стојчевски.

    Од Кумановската полиција велат дека тие можат возилото да го исклучат од сообраќај само привремено, но не и трајно.

    „За целосно и трајно отстранување од сообраќајот не постои законска регулатива, а привремено може да се исклучи возило од сообраќај и одземе до утврдување на техничка исправност, но не подолго од три работни дена. Доколку биде утврдена техничка неисправност на возилото која се однесува на предизвикување на голема бучава или во случај кога сообраќајната дозвола за возилото е со изминат рок на важност од шест или повеќе месеци, возилото се одзема во времетраење од 90 дена“, стои во одговорот на СВР Куманово.

    Од полицијата не добиеме одговор колку мотокултиватори се запрени и контролирани, ниту пак дали има санкционирани возачи на мотокултиватори за управување со нерегистрирано возило или други прекршоци извршени во сообраќајот во одреден временски период.

    Мотокултиваторите спаѓаат во група на моторни возила со една или две осовини, чија најголема сила на моторот e 12 кw и кое е конструирано така да носи, влече лесна приколка. Покрај задолжителното осигурување, цената на регистрација на мотокултиватор како товарно возило зависи од неколку фактори.

    „Самиот технички преглед би чинел не повеќе од 3 илјади денари, но доколку треба да се издадат таблици и сообраќајна дозвола тоа ги зголемува првобитните трошоци. Секоја следна година се разбира клиентот е ослободен од последните ставки, туку се наплаќа само прегледот на возилото и констатирање на исправноста за безбедно да се вклучи во сообраќајот“, објаснуваат од Авто мото сојузот Куманово.

    Во возилото смеат да превезуваат најмногу три лица кои работат на товарење или истовар. За време на превозот лицата задолжително треба да седат на подот од товарниот сандак.

    Според слободна проценка во градот има околу триесетина култиватори, а пред две години кога градоначалникот Максим Димитриевски најави дека ќе го регулира нивното работење тие излегоа на протест пред Општина Куманово.