Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Граѓанската иницијатива Шанса за Центар мапираше 700 јавни објекти низ цела Македонија - болници, градинки, училишта, касарни, судови... и други установи кои користат нафта и мазут. Во Скопје се мапирани над 100 јавни објекти, а во Куманово околу 25 јавни загадувачи.
Според нивната стасистика, најголем загадувач минатата зима била Општата болница во Куманово, која се грела на мазут, а потоа на екстра лесно масло за домаќинство како што се: Здравствен дом Куманово, Дом за стари лица „Зафир Сајто“, Судот, Поштата, Општина Куманово, библиотеката „Тане Георгиевски“, градинката „Ангел Шајче“, касарна, сите основни и средни училишта во градот и др., додека училиштата „Вук Караџиќ“ и „Наим Фрашери“, како и селските училишта се затоплувале со огревно дрво исто како и Противпожарната единица Куманово. Повеќето од овие институции имаат гасификациона мрежа, но поради високата цена на гасот минатата година не го користеа.
„Нема општина која во своето урбано јадро нема еден куп јавни објекти кои го загадуваат воздухот. Скопје води, но во незавидна положба се и граѓаните во Тетово, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Гостивар... речиси никој не е поштеден. За загревање на овие објекти и оваа грејна сезона може да се потрошат над 16,5 милиони литри нафта за греење и над 4,8 илјади тони мазут. Тие и ќе ги дишеме!
За нивното загревање за една сезона граѓаните преку Буџетот на државата и на општините ќе платат над 20 милиони евра. Да ги притиснеме пратениците во Собранието и советниците да се заложат за мерки во Буџетот за 2024-та во нивните изборни единици и да дадеме шанса на сите општини да станат почисти. И општинските буџети се во подготовка, па нивното вклучување во борбата против загадувањето мора да е насочена кон веќе детектираните локални проблеми со воздухот од загревањето на општински објекти. Во 2023-та не се направи промена на начинот на греење кај огромен број на јавни објекти кои се греат на нафта и мазут за да се намали загадувањето на воздухот во зима. Тие ќе продолжат да загадуваат и оваа зима и повторно ќе бидеме меѓу трите најзагадени земји во Европа“, се вели во информацијата на Шанса за Центар.