Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Симпатизери и членови на СДСМ синоќа од 18 до 18.30 часот го блокираа сообраќајот кај зградата на поранешен Комитет, на раскрсницата на улиците “Народна револуција“ и Илинденска“ за да го покажат нивното незадоволство од актуелната власт.
Опозицијата ги осуди инцидентите во Парламентот каде пратеници и новинари со сила беа избркани за да може мнозинството да го изгласа буџетот за 2013 година. Тие ја обвинуваат власта дека ги задолжува идните генерации и троши премногу пари во услови на светска економска криза.
Куманово се приклучува кон сите градови ширум Македонија на протест кој што ќе се одвива секој ден во ист термин. Ќе бидат блокирани главните сообраќајници во градовите во Македонија. Ова е еден израз на граѓанска непослушност заради се она што го видовме и на улиците на Скопје и во Параламентот. Беше погребана демократијата во Република Македонија. Видовме како на недемократски начин без почитување на деловникот беше изгласан буџетот за 2013 година, но не само тоа, што беше уште полошо, народот се сврте еден против друг, а за што? За да може власта на најбрутален начин да прави што сака - изјави Снежана Захариева, претседател на општинска организација на СДСМ Куманово.
Таа жали што и новинарите беа на удар во Собранието и се надева дека по мирен пат ќе му дојде крајот на овој ненароден режим. Захариева вели дека должност на граѓаните е да бидат лојани, а државата да води сметка за доброто на народот. Народните пари треба да се трошат за народот, смета таа.
Градоначаникот Зоран Дамјановски ги повика новинарите да се вклучат во оваа кампања, бидејќи им е ускратено правото на објективно известување.
Македонија влезе во диктатура, и сметам во овој момент ако не се вразуми власта да седне да преговара за натамошните чекори како треба да се води државата, Македонија ќе влезе во хаос. Објективно како граѓанин на Куманово, како прв човек на градот, мислам и сум загрижен за судбината пред се на Куманово и на Македонија. Овие луѓе кои се дојдени тука, не се дојдени под директива, се дојдени спонтано. Тука не се само партиски членови, има и незадоволни граѓани, гледате дека има огромен број на луѓе - рече Дамјановски.
Граѓаните кои протестираа порачаа дека Груевски треба да си оди и дека изградбата на споменици е само перење на пари. Додека траеше протестот на видео бим се прикажуваа снимки од инцидентите во и пред Собранието.
Во сабота напладне членството на СДСМ од цела Македонија ќе протестира пред седиштето на ВМРО - ДПМНЕ во Скопје.