Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Политичките партии ги отпочнаа преговорите за соработка во новиот Совет на Општината Куманово.
Понудите за коалицирање со помалите политички партии, стигаат, главно, од двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои освоија подеднаков број на советнички места и сега ќе се борат да создадат мнозинство во општинскиот законодавен дом. Иако никој не сака да открие кој со кого преговара, градоначалникот и советниците признаваат дека „пазарењата„ започнале.
Во моментот правиме почетни преговори за создавање на една опција во интерес на Куманово, надвор од сите политички влијанија. Првите прелиминарни преговори почнаа и за никого не е затворена вратата за коалицирање, па дури ни за ВМРО-ДПМНЕ. Ние ќе бидеме среќни ако можеме да направиме голема коалиција сите заедно за Куманово. Сеуште немам конкретни имиња, кога ќе има конкретни договори ќе го објавиме тоа- изјави градоначалникот Зоран Дамјановски.
На прашењето дали СДСМ ќе коалицира со советниците на Виктор Цветковски, бидејќи во предизборната кампања тврдеа дека тоа нема да се случи, носителот на листата Максим Димитриевски одговори:
Мислам дека тоа се шпекулации и не би сакал во моментов да отворам нови шпекулации. Има формирано тим за преговори и разговори. Дали се исконтактирани или не, ќе мора да се обратите до претседателот на СДСМ во Куманово - вели Димитриевски.
Драган Петковски од ВМРО - ДПМНЕ, потврди дека договорите со одредени партии се почнати, но не сакаше да каже со кого.
Најави за договор за коалицирање стигнале и до граѓанската опција, „Кога ако не сега„, но сеуште не се разговарало директно со претставниците на другите политички партии. Дали ќе се коалицира со СДСМ, носителот на листа Драги Караџински вели дека зависи од понудата.
Ние сме за соработка со сите релевантни фактори во Општина Куманово, не делиме партиски припадност така што не сакам да шпекулирам, не знаеме како и што ќе ни се понуди. Ние ќе работиме за интересите на Куманово - рече Караџински.
Ризван Асани, советникот од ДУИ вели дека засега со никого ништо не договараат, бидејќи чекаат инструкции од централата на партијата.
Освојувањето на Советот е особено значајно за двата политички ривали и ќе ја одреди понатамошната судбина на локалната власт.