Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Пожарникарите и вработените во јавните претпријатија ги санираат последиците од невремето, кое синоќа го зафати Кумановско-липковскиот регион.
Поплавени куќи, подруми, деловни објекти, дворови, улици, паднати дрвја, е епилогот од синоќешното невреме што го зафати Кумановскиот регион.
Две екипи на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Куманово интервенирале во текот на целата на поплавени објекти, а ќе продолжат и во текот на денот.
„Целиот град е поплавен. Речиси и нема место од каде не ни се јавија. Ноќеска интервениравме на ул. Никола Вапцаров, поплавени се 4 куќи, а имаме пријави и во населбата Бедиње, три улици во Карпош, на Трета МУБ, Октомвриска револуција и Соколански парк. Одредени објекти се поплавени од дождот, а во некои се вратила водата од канализацијата. Интеревнираме со пумпи за извлекување на водата од поплавените објекти. Нашите екипи продолжуваат со работа и во текот на денот, по списокот на пријави“, изјави Дејан Илиевски, командир на (ТППЕ) Куманово.
Пожарникарите утринава вадеа вода од подрумските простории на стамбена зграда на ул. „Октомвриска револуција“, кај „Стакло пан“. Станарите се жалат дека поради неправилно изведена канализациска мрежа, при секој дожд нивните подруми се полни со вода.
Полни раце работа ноќеска имале и екипите на ЈП „Чистота зеленило“, кои расчистувале паднати дрвја од сообраќајниците во градот.
„Имавме повеќе интервенции во текот на ноќта. Паднато дрво ја блокираше улицата ЈНА, но успејавме да го тргнеме и да го деблокираме сообраќајот, исто беше и на улицата Среќко Пужаљка, на Октомвриска револуција, а во моментот наша екипа работи на Тоде Думба. Постојано ни пристигнуваат и нови пријави. Истовремено ги чистиме улиците од наносите од песок и камења“, вели директорот Ненад Стојановски.
И Центарот за управување со кризи (ЦУК) соопшти дека по невремето што ја зафати територијата на Општина Куманово со обилни врнежи од дожд, на телефонскиот број 112 пристигнале голем број на пријави за паднати дрва и поплавени улици во повеќе населби, а и за поплавени површини, дворови, подрумски простории и приземни објекти и куќи.