Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Објавен е оглас за продажба на дел од хотелите Куманово, Кристал и КУ- БА, кои се имот на некогашното угостителско претпријатие АД Бисерка во стечај. Јавното наддавање е закажано на 25 јануари годинава.
Понудени се три пакети за секој објект без почетна цена, туку само со проценета вредност.
Пакет 1 – Дел од Хотел Куманово со вкупна површина од 349 м2 лоциран во Куманово, КП 14813, ИЛ 79330 КО Куманово. Проценета вредност на недвижниот имот изнесува 24.335.450,00 денари.
Пакет 2 - Дел од Хотел Кристал со вкупна површина од 1.585 м2 лоциран во Куманово, КП 14825, ИЛ 79330 КО Куманово. Проценета вредност на недвижниот имот изнесува 60.981.290,00 денари.
Пакет 3 - Дел од Хотел Ку-ба со вкупна површина од 334 м2 лоциран во близина на Куманово, КП 24672, КП 24674, КП 24675 во ИЛ 79332 КО Куманово. Проценета вредност на недвижниот имот изнесува 3.158.971,00 денари.
Право на учество во електронската продажба имаат сите кои до 24 јануари ќе уплатат депозит или ќе достават банкарска гаранција во висина од 10% од проценета вредност на имотот, поединечно за секој пакет.
„Продажбата се врши по принцип „видено-купено“ без право на дополнителни приговори и рекламации за било какви физички и правни недостатоци по квалитет и количини за имотот“ се дел од условите, пропишани во понудата.
По завршувањето на јавното наддавање собранието на доверители ќе ја донесе конечната одлука дали имотот ќе биде продаден по постигнатата највисока цена.
Ова е втора продажба на имот на АД Бисерка во сопственост на стечаен должник, но не успеавме да дознаеме што точно се продава од некогашните репрезентативни објекти во градот, кои денеска се руина.
Од Сектотор за урбанизам во Општина Куманово велат дека по Генералниот урбанистички план објектите ако се продадат нема да ја сменат намената за која се изградени.
И кумановци се надеваат дека локалната самоуправа и државата нема да дозволат атрактивниот простор на хотелите, особено „Кристал“ да се пренамени за изградба на зграда или трговски центар, туку бараат исклучиво да се задржи основната дејност и тука да се издигне луксузен хотел.
Хотелите „Кристал“ и „Ку-Ба“, некогаш припаѓаа на угостителското претпријатие АД „Бисерка“, во чиј состав беа и хотелот „Куманово“, првиот хотел во градот, кафеаните „Мостар“, „Пчела“, „Ловец“, „Палас“, минералните извори на Кумановска Бања. Во матната приватизација на претпријатието дел од објектите беа продадени, а останатите се распаѓаат.
Денеска тие се целосно руинирани и ограбени, свртилишта на бездомници и корисници на наркотици.Во Хотел Кристал на неколку наврати имаше пожари кои ги санираа припадниците на ТППЕ Куманово.