Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Ласте Богатиновски (52) од кумановската населба Пуковско, вчера загинал по пад од скеле, додека работел на зградата на Основното јавно обвинителство во Скопје.
Градежниот работник во фирмата „Мато-инжинеринг„,од Куманово, која била подизведувач на проектот, паднал од височина од 25 метри и починал на лице место. Негови колеги кои биле со него, кажуваат дека несреќата се случила во 15.45 часот, кога Ласте се подсопнал на даските по кои се движел, изгубил рамнотежа, по што се струполил и удрил со лицето на земја. Од повредите починал на самото место. Во моментот на несреќата на градилиштето работеле неговиот внук од сестра и најстариот зет. Тие потресени од трагедијата што се случила пред нивни очи не сакаа да зборуваат што виделе. Семејството во шок и со неверување ја примило веста за смртта на Ласте, за кој кажуваат дека бил вреден и чесен мајстор.
Трагедија голема. Здрав, прав човекот си беше. Се мачеше и работеше дено-ноќно да со го прехрани семејството. Живееше со татко му и сопругата.Сиромавиот вака да заврши, жално многу - кажува и плаче негова братучетка.
Роднини на семејството, велат дека Ласте и неговите колеги работеле по 10 саати дневно, 6 дена во неделата.Од денеска требало да им се продолжи работното време уште за два часа, бидејќи се брзало да се заврши работата. Имале обезбеден превоз со автобус во кој се превезувале и по 100 работника.
Работат во мизерни услови, без никава заштита и безбедност. Биле осигурани само на 4 саати, работата 10 саати. Добивале 200 евра на сметка, а другите им ги давале на рака. Скелето на кое работеле морало да биде обезбедено, а работникот да носи ремен со кој ќе биде врзан. Заштитното скеле со ограда треба да биде широко 80 сантиметри, а второто на кое работи работникот 50 санитметри.Тогаш нема опасност, а кога е врзан и да падне нема да заврши со фатални повреди. Во нашите фирми тоа не се почитува и затоа секој ден ни гинат градежните работници - вели Видан Крстевски, роднината на Ласте, кој и самиот работи во градежен бизнис.
По трагедијата, семејството го посетил сопственикот на фирмата, кој им обезбедил пари за погребот.
За пет дена ова е втора жртва на градилиштита на проектот Скопје 2014 година. Двете несреќи се случија во последните два часа од работното време, кога работниците ги совладува уморот и им паѓа концентрацијата.