Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Уставниот суд денеска ја укина графата делот „националност” во матичната книга на родените, на венчаните и на умрените, од Законот за матична евиденција.
Според судот барањето на овој податок од граѓаните при впушувањето во матичните книги е во спротивност со темелната вредност на слободно изразување на национална припадност.
„Овој член од Уставот вклучува не само право на поединецот слободно да одлучи да се изјасни за сопствената националност, туку и право да не се изјасни по ова прашање вклучително и да ја промени декларираната националност, што не беше возможно со деловите од одредбите кои денеска се укинати.
Уставниот суд ја донесе одлуката поаѓајќи од фактот дека станува збор за приватно и внатрешно чувство на човекот и никој не може да биде принуден тоа чувство да го манифестира во јавноста и уште повеќе да биде предмет на задолжително институционално администрирање во јавни исправи, со оглед дека Уставот преку член 18 ја гарантира тајноста и сигурноста на личните податоци на граѓаните“, велат од Уставниот суд.
Дополнително преку членот 25 од Уставот на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста, неговиот семеен и личен живот, на достоинството и на угледот.
Со оглед на денешната одлука, повеќе не постои правен основ во матичните книги за родени, венчани и умрени да се бара податок за националноста.
Иницијативата е поднесена во јули 2023 година од страна на политичката партија „Левица".