×
  • Насловна
  • Вести
  • Регион
  • Македонија
  • Спорт

  • Видео

  • Колумни
  • Интервју

  • По допрен глас
  • Репортажи
  • Ретроспектива

  • Погранична хроника
  • Фото вест - Ваша пошта!

  • Дезинформации
  • ПРОВЕРКА НА ФАКТИ:КОВИД-19
  • Проверка на факти: реформи кон ЕУ

  • Контакт
  • Политика на приватност
  • Импресум
  • Маркетинг стратегија
  • Понуда за рекламирање

  • Сеќавање на Мара Нацева: Создававме модерна држава заснована на принципот братство-единство

    01.07.2020 09:36 | KumanovoNews

    Пред седум години на овој ден (01.07.2013) почина народниот херој од Куманово, Мара Нацева. Последниот разговор со Нацева го направивме во август 2012 година, откако таа од Белград се пресели да живее во Куманово. Во чест на големата хероина, го реобјавуваме текстот.

    Сеќавање на Мара Нацева: Создававме модерна држава заснована на принципот братство-единство

    Ја оставивме државата на младите - да ја водат и да ја градат, а тие ја поделија

    Учесничката на Првото заседание на АСНОМ и народен херој од НОБ, Мара Нацевa, се врати да живее во Куманово. По 68 години богат политички живот и работна кариера во Белград, деведесет и двегодишната баба Маре денеска е со своето семејство. Поради здравствените проблеми и невољите што ги носи длабоката старост, за неа се грижат нејзините внуци од брат и, семејствата Христовски и Денковиќ.

    Кога ја посетивме, иако ја троши десетата деценија од животот, народната хероина не пречека на нозе, потпирајќи се на помагало за одење, со искрена насмевка на лицето и со топла прегратка. И по толку години, во нејзините сини очи се чита одлучност и храброст да се справи со најновите предизвици што ги носи староста. Скромноста и била одлика во животот, а таква е и сега. Мила и тивка не сакаше многу да зборува за нејзината улога војната и во создавањето на Титовата Југославија.

     „Па зар мора да зборуваме сега за тоа. Нека зборуваат младите, ние правевме како што најдобро знаевме. Нашата цел беше да го срушиме постоечкиот режим и младата генерација да ја преземе власта и да создаде нова модерна држава заснована на братство-единство. Ех, какви се планови имавме. Сега не е тоа што некогаш беше. Ние се залагавме за едно, а испадна друго. Секогаш бев за тоа да им дадеме доверба на младите, затоа што се поучени од нас. Им ја оставивме државата - да ја водат и да ја градат, а тие ја поделија. Нашите идеали беа да се смени општеството, да дојдат чесни луѓе, кои ќе работат за целиот народ, а не само на одреден број на луѓе, како што беше пред војната. На почеток тоа го спроведувавме, но не останавме доследни. Јас не сум задоволна од она што го направи нашата генерација, затоа што тоа што го сакавме - не го остваривме. Дозволивме да се вклучи бирократијата и да се поделиме при распоредување на постоечките кадри. Почнаа да се поставуваат на принципот кој со кого е близок, а способните остануваа на страна. Требаше да се воведе поголем ред и поголеми правила. Тоа скапо не чинеше подоцна“ вели баба Маре.

    Таа се сеќава дека во она време имало различни политички гледања за иднината на Македонија, но главната определба на македонскиот народ била да стане дел од големата федерација.  

    „Имаше рамислување и за независна Македонија, но повеќето беа државата да биде во состав на Југославија, бидејќи неможевме сами. Во тоа време сигурно дека имаше бугарски, српски и други претензии, ама никој тоа јавно не го кажуваше тоа. Заедно бевме најсилни. На Првото заседание на АСНОМ не беа сите комунисти, не имаше разни. Не беа сите членови на партија, дури и не мораа, ние бевме широка организација од антифашисти. Сакавме да се собереме околу еден фронт кој ќе се бори во интерс на заедничката држава. Не мораа сите да имаат исто мислење, туку беше битно да се има различно гледање, граѓанска иницијатива. Уште пред војната Комунистичката партија водеше сметка да тоа биде така“ раскажува Мара.

    По завршувањето на војната, преубавата Мара го запознала во Скопје својот сопруг Црногорецот, генерал Саво Дрљевиќ, исто така народен херој, тогашен начелник на Генералштабот на скопската армиска област која ја покривала Македонија, Јужна Србија и Косово.

    Брачниот пар кратко се задржал во Скопје, а потоа се преселил во Белград. Таму живееле среќно и двајцата извршувале високи политички функции, но немале деца. Пред 18 години и починал сопругот и таа продолжила да живее во Белград. Пред шест месеци паднала и го скршила колкот и повеќе не можела да остане сама. Се преселила кај нејзините вници, кои велат дека со задоволство се грижат за неа, бидејќи таа е многу скромна, внимателна и ненаметлива со нејзините здравствени проблеми.

     „Тета Маре е вистински херој. Таа е една благородна и скромна личност што ретко се среќава. И покрај сите нејзини функции и успеси во животот таа остана иста. Жалиме што можеби порано не дојде да живее со нас и што немавме можност повеќе да дружиме. Но сега имаме доволно време да го надополниме изгубеното. Многу разговараме и таа се сеќава на секој период од нејзиниот живот. Многу е свесна и витална за годините кои што ги има. До пред 6 месеци живееше сама во Белград и одлично функционираше. Таму и се сите нејзини пријатели и луѓето со кои го минала животот и ние ја почитувавме нејзината одлука“ велат Гоца и Мишо Денковиќ.

    Соработници и лични пријатели на нејзиното семејство биле Кочо Поповиќ, Пеко Дапчевиќ, Милован Џилас, а од македонските Лазо Колишевски, Лазар Мојсов, Александар Грличков, кои ги смета за исклучителни и способни политичари кои дале голем придонес во тогашната држава. Откако е вратено во Куманово се сретнала со неколку нејзини пријатели од војната, а од политичарите ја посети градоначалникот на Куманово. Здружението на кумановските армиски и полициски ветерани, како почитувачи на минатото и врачија благодарница за големиот придонес во НОБ, по повод националниот празник 2 Август.

    Таа е разочарана што денеска не се почитуваат луѓето од нејзината генерација кои дале најголема жртва во создавање на македонската држава. Затоа порачува младите да бидат единствени и да ја сакаат својата држава, а пред семејството кое е основа за се. Само така ќе ги реализираат нивните идеали и желби.

    По три часовен разговор и дружење, баба Маре не испрати како што не дочека, со искрена насмевка и топла прегратка. И поскавме добро здравје и скоро видување.

        Која е Мара Нацева?

    Според историските податоци Нацева е родена 1920 година во Куманово во сиромашно семјство и многу млада се вработила во шивачка работилница. На сопстевниот грб ја почувствувала бездушната експлоатација и неправдата од работодавачите, поради што се приклучила на напредното работничко движење и бескопромисно се борела за правата на работниците. На 16 годишна возраст станала дел од Комунистичката младина на Југославија, а една година подоцна и член на КПЈ. Активно работела и во работничките синдикати.

    Во 1939 година Мара заминала во Ниш и се вработила во работилница за долна облека, каде ја избрале за синдикалаен водач. Таму прибирала млади работници во синдикатот со помош на Светозар Вукмановиќ-Темпо, Александар Ранковиќ и Петар Стамболиќ.

    Во октомври 1940 година присуствувала на Петата земска конференција во Загреб и заедно со Перо Тиквар ја напишала на македонски јазик паролата „Пролетери од сите земји обединете се„ и ја закачила покрај паролите напишани на јазиците на другите народи и народности во Југосавија. Поради нејзините напредни идеи повеќе пати била апсена во Ниш, Белград, Скопје и Куманово, а лежела и во затвори логори.

    Во 1941 година соработувала со Раде Кончар, Цана Бабовиќ, Иво Лола Рибар во воспоставување врска со истакнатите македонски револуционери Методија Шаторов Шарло, Перо Чичо, Перо Наков и други. Истата година во Куманово, Гестапо распишал потреница со награда за апсење на Нацева, но благодарение на нејзините другари таа успејала да побегне од Куманово. Облечена во машка облека со качкет на главата, во придружба на Перо Чичо и Панче Пешев со велосипед, претставувајќи се кај старжарите како работници излегле од градот кон Железничката станица, а од таму заминале за Скопје. Престојувала во голема илегала додека го организирала вооружено востание во Македонија.  Летото 1942 година била упасена и подложена на големо измачување и тортура.  Повеќе од една година била во затвор во Скопје и Софија, а престојувала и во концентрационет логор за жени во кај Асенов град во во Бугарија.

    Во 1943 годива во отсуство ја избрале за организационет секретар на КПМ, а на 2 август 1944 година учествувала во работата на Првото заседание на АСНОМ и ги поздравила делегатите од името на АФЖ. Избрана е за член на АСНОМ, член на одборот на Народноослободителниот фронт на Македонија и член на Президиумот на АВНОЈ. Носител е на партизанска споменица 1941 и одликувана и прогласена за народен херој на Југославија на 27 ноември 1953 година.

        Позајмувавме мебел за да го пречекаме Тито

    Мара Нацева и нејзиниот сопруг Саво Дрљевиќ биле првите домаќини на Тито при посетат на Скопје по војната. Тогашната власт одлучила Тито да биде сместен во нивната куќа затоа што била погодна за обезбедување, а таа и нејзиниот сопруг уживале голем углед. Дрљевиќ бил човек од доверба како началник на генералштабот и член на највисокото раководство на партијата.

     Јас бев во Куманово кога ми се јавија и ми рекоа дека Тито доаѓа во Скопје и ќе биде сместен во нашата куќа. Веднаш заминав дома да го организирам неговиот пречек. Во тоа време беше голема сиромаштија и во куќата во која живеевме на Водно беше речиси празна. Немавме ни кревет за гости. За да не се посрамиме пред врховниот командант, војската донесе мебел кој го позајми од богатите семејства и ни го опремија станот. Меѓутоа само што пристигна Тито дојде до некаков меѓународен проблем и се заострија односите. Тој спиеше само една ноќ и утрото си замина за Белград. Истиот ден сета покуќнина што беше донесена се врати  на сопствениците, а нашата куќа остана празна- се сеќава баба Маре.  

    Таа не му готвела на Тито затоа што заедно со него од Белград пристигнало и обезбедувањето и готвачите. Во куќата бил уреден специајле салон за прием на сите делегации од општински до црковни што се среќавале со Тито.

    (Сузана Николиќ)