Зачленете се во нашиот клуб на читатели и најновите текстови ќе ги добивате на вашата мејл адреса
Во Изложбениот салон на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово, утре во 19 часот ќе биде отворена самостојната изложба на ликовниот уметник и редовен професор на Факултетот за ликовни уметности при Државниот Тетовски Универзитет, Башким Меџити.
Организатор и координатор на проектот е Националната галерија на Македонија.
Меџити дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Приштина (Косово), каде и магистрирал. Добитник е на повеќе награди и признанија, остварил над петнаесетина самостојни изложби во државата и странство. Активно се бави со сликарство и скулптура.
Оваа изложба беше презентирана во Националната Галерија, каде што Меџити се претстави со триесетина дела - слики во техника акрил на платно изработени во текот на оваа година. Апстрактниот експресионизам е правецот во кој го реализира ликовниот израз. Случки од природата, урбаната средина и пејзажите ги пренесува во тоналитет на јарки бои, до смирена бела и контрастна црна.
Изложбата го носи насловот „Сертификат за кафе” заради триптихот кој е создаден во доба на глобалната пандемија.
Изложбата во Куманово ќе биде поставена во наредните 15 дена.